петок, јуни 26, 2026
Дома СВЕТ Се шират огласи за продажба на скапи половни играчки опишани по возраст,...

Се шират огласи за продажба на скапи половни играчки опишани по возраст, висина и пол, јавноста стравува дека се продаваат деца

63

На популарната интернет-апликација за купување и продажба на половни предмети „Винтед“, веќе некое време се нудат кадифени животни, играчки, кукли, фигурини, мебел или детски предмети, што предизвика страв кај граѓаните дека на тој начин, всушност, се продаваат деца. Сомнежите ги подгреа тоа што честопати понудите се со високи цени, а во описите се споменуваат возраст, висина или пол.

Вакви огласи веќе се шират и на Балканот, а меѓу примерите што беа објавени на социјалните мрежи во Германија беше реклама за кадифена играчка по цена од неколку илјади евра, со опис што звучи како да се опишува дете, на пример „момче, 10 месеци, 70 сантиметри“. Поради ваквите описи, некои корисници на социјалните мрежи заклучија дека наводно се прикрива трговијата со деца преку „Винтед“, иако тоа што изгледа рекламата необично или вознемирувачки не значи дека е доказ за кривично дело. Ова особено важи за снимките на екранот што се дистрибуираат без линк до рекламата, без целосен опис, без профил на продавачот и без никаква официјална верификација.

„Тагесшау“ пишува дека полицијата во Дортмунд ги проверува пријавите откако била објавена една таква реклама на „Винтед“ на „Инстаграм“, но, исто така, ги предупредува граѓаните да не шират непроверени снимки и шпекулации. Слични проверки вршат и други полициски служби, меѓу кои полицијата во Берлин и во Констанц и криминалистичката полиција во сојузната покраина Еесен, од каде што изјавија дека според досегашните сознанија, многу нешта укажуваат на лажни реклами. Своја истрага почна и апликацијата „Винтед“. Оттаму објавија дека се свесни за  рекламите, но во досегашната внатрешна проверка не пронашле никакви докази што би ги поврзале со трговијата со деца. Платформата наведува дека возраста во некои реклами може да се однесува на возрасната група за која е наменет предметот, а не на дете што се продава. Високите цени во некои случаи може да се објаснат со тоа што продавачите се обидуваат да преговараат или да привлечат внимание, додека некои од рекламите може да се лажни или создадени за да предизвикаат реакција.

Во средата вечерта, „Шпигел“ разговарал со корисник на „Винтед“ што продавал кадифена играчка за 20.000 евра, со опис што особено ја нагласува возраста.  Описот толку добро се вклопувал во шемата на сомнителни реклами што некој друг ја снимил рекламата „неколку секунди“ откако била објавена, а потоа таа снимка на екранот им била прикажана на повеќе од 40.000 корисници. „Винтед“ ја избришал рекламата за неколку минути. Корисникот, кој побарал да биде анонимен, рекол за „Шигел“ дека е студент во средните дваесетти години, а идејата за рекламата ја добил откако видел бура на „Тик-ток“ за наводна трговија со деца, а патем и се понадевал дека, можеби, ќе има среќа некој да даде 20.000 евра за играчката.

„Винтед“ вчера изјави дека е забележан зголемен број на профили и реклами „јасно креирани со намера да ги провоцираат другите или да шират вирални дезинформации“. Додаваат дека таканаречените ловци на педофили се, исто така, вклучени во таа голема медиумска лудост. „Мимикама“, организација што истражува дезинформации и онлајн измами, заклучи дека виралните снимки на екранот не докажуваат дека се продаваат деца преку „Винтед“. Тие наведуваат дека ваквите реклами може да бидат невкусни, двосмислени, лажни, провокативни или намерно создадени за да предизвикаат паника, но дека самите снимки на екранот не даваат докази за трговија со деца.

 

ИЗДВОЕНИ