Забрзувањето на евроинтегративниот пат на земјите од Западен Балкан да оди преку механизам што е различен од оној што бил предложен во француско-германскиот „нон-пејпер“, кој бил претставен на неодамнешниот самит ЕУ – Западен Балкан во црногорскиот град Тиват. Новиот механизам би наликувал на постојните, какви што се реформската агенда и Планот за раст, а кои веќе се применуваат. Ваква идеја и предлог им дал македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, на авторите на „нон-пејперот“ – францускиот претседател, Емануел Макрон, и германскиот канцелар, Олаф Шолц – во текот на средбите во текот на одржувањето на самитот. Сега, останува да се види дали ќе биде прифатен ваквиот предлог на Мицкоски во текот на разработувањето на основните цели што биле содржани во неофицијалниот документ, кој ја добил поддршката од учениците на средбата. Познато е, според неофицијалниот француско-германски документ, исполнувањето на одредени критериуми за прием ќе биде наградено со привилегиран пристап до заедничкиот европски пазар и можност да се испратат набљудувачи во европските институции.
Македонскиот премиер, во интервју за националниот сервис, рече дека им укажал на Макрон и на Шолц кои се одредените проблеми врзани за спроведувањето на нивниот план.
– Двете највлијателни земји членки, Франција и Германија, дадоа еден предлог во кој истовремено ќе го забрзаат интегрирањето. Јас разговарав за тоа и со канцеларот Мерц и со претседателот Макрон, јасно дефинирајќи што мислиме дека, можеби, треба да се додаде или одземе од тој нивни предлог, гледано од нашата оптика. Затоа што ако е врзан нивниот предлог со затворањето кластери, ако го имате Косово, кое не е ни кандидат, Босна и Херцеговина, Македонија, која почнала, а не почнала, ја имате Србија, која нема усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ, има некаква премолчена блокада и не може да отвора и да затвора кластери, тогаш не ја гледам целисходноста. Можеби е доволно да се најде некој друг механизам како реформската агенда или Планот за раст, па на тој начин практично да им се дадат поттик и поддршка на земјите од Западен Балкан. Тоа беше мојот предлог што го дадов на тие билатерални средби и мислам дека предизвикав внимание. Ќе видиме сега дали ќе биде операционализирано тоа, но, во секој случај, јас сум задоволен од тоа што се води сметка, односно се бараат конструктивни решенија во рамките на возможното да му се понуди европска перспектива на регионот, и тоа е добро – рече Мицкоски.
Тој претходно кажа дека не очекува да се промени рамката за евроинтегративниот пат за Македонија.
– Не очекувам дека ќе има какви било промени во евроинтегративниот процес, бидејќи тоа е договор што може да се промени само со консензус. Не очекувам дека некои од земјите членки ќе сакаат да се промени тој договор во кој би загубиле делумно од своите позиции – рече премиерот, додавајќи дека предлогот на Франција и на Германија, сепак, може да го забрза интегрирањето.
Зборувајќи за односите со Бугарија, премиерот посочи дека „ако за нас важи правилото договорот да се почитува, треба и за нив да важи“. Но, источниот сосед не сака да ги спроведе своите обврски и да ги спроведе пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за да не им даде легитимитет на припадниците на македонската заедница во Бугарија.
– Нашиот источен сосед вели вака: „Промената на Уставот е поради непочитување на човековите права. Со промената на Уставот, ќе се зацврстат човековите права на бугарската заедница кај нас“. Ајде сега да го анализираме тоа. Во Европа има институција каде што има експерти за човекови права. Таа институција е во Стразбур и се вика Суд за човекови права. Јас можам да ја злоупотребам и политизирам темата за човекови права, како и секој политичар, но оваа институција носи пресуда врз основа на факти, докази, меѓународното право, конвенции и така натаму. И треба да се почитува тоа, но, за жал, не се почитува. Таа институција 14 пати досега донела пресуда во која се вели дека се нарушени човековите права на македонската заедница кај нашиот источен сосед и нула пати за бугарската заедница кај нас. Сега, ако резултатот на семафорот е 14:0, за кои човекови права и промена на Уставот кај нас зборуваме? Нема логика. Ако има волја – може, ама тоа не зависи од нас – нагласи Мицкоски.
Тој потсети дека нашиот источен сосед има преземено обврски да ги почитува човековите права.
– Потпишал резолуција, ратификувал во парламент, што значи дека треба да ги обезбеди човековите права на македонската заедница, така што ќе ги имплементира овие пресуди од Судот за човекови права во Стразбур. Со други зборови, ќе им дозволи на припадниците на македонската заедница да се организираат културно, социолошки и општествено. Тие не го прават тоа. Зошто? Затоа што таа живковистичка политика, која трае со децении, негаторска кон македонскиот идентитет, им внесува страв во коски – оцени Мицкоски, додавајќи дека бугарските политичари не се откажуваат од протоколите 1 и 2.
Врзано со провокациите што се случија во изминатиот период во односите со Бугарија, тој смета дека тие се дел од организирана бугарска кампања во нашата држава, кои имаат цел промоција на неприфатливи работи, преку еден или два политички лика. (Б. Ѓ.)
Разочарување од одговорот од Софија
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, во телевизиско интервју, изјави дека е „ужасно разочаран“ од одговорот што го добил од бугарското МНР врзано за објавувањето на документот што се однесувал на патувањето на синот и на сопругата на премиерот Мицкоски во Бугаријам во јануари годинава. Муцунски, во интервју за телевизијата „Канал 5“, рече дека најмалку што очекувал од официјална Софија е осуда за објавувањето на дипломатската нота.
– Ужасно сум разочаран од одговорот што дојде од Софија. Очекував осуда, да се каже дека се згрешило, како што осудивме ние дејства на наша територија. Наместо да кажеме дека го направил некој друг, кажавме дека се случило нешто што не смеело да се случи, го осудивме чинот и институциите веднаш постапија. Така се однесува одговорна држава, тоа е цивилизациска вредност, бидејќи тој што работи може да згреши, но треба да има капацитет да се извини – рече Муцунски.












