Деан Шкартов, уметник и креатор на брендот „Македонски рубин“, во разговор за весникот ВЕЧЕР зборува за откривањето, долгата борба за афирмација и за историската одлука рубинот со малиноворозова боја, конечно, да стане заштитено национално минерално наследство

Понекогаш најголемите богатства не се кријат длабоко под земјата, туку во начинот на кој гледаме на она што со години било пред нашите очи. Во прилепскиот бел мермер, кој одамна е препознатлив низ светот по својата исклучителна белина, со децении бил скриен уште еден природен феномен. За рударите, тој бил само обоена дамка што го намалува квалитетот на мермерниот блок. За геолозите – ретка појава. За Деан Шкартов, кого сите го знаат како Деко, токму тие мали малиноворозови кристали претставувале доказ дека Македонија поседува природно богатство со кое може да се пофалат само мал број земји во светот.

Деновиве, неговата повеќедецениска мисија доби официјална потврда. Македонскиот рубин со препознатливата малиноворозова боја е прогласен за заштитено национално минерално наследство. За човекот што речиси четврт век неуморно зборува, истражува, обработува, промовира и создава уметнички дела од овој редок камен, тоа не е само професионално признание. Тоа е, како што вели самиот, чувство дека, конечно, една држава го препознала сопственото богатство.

– Овие денови не одам по земја, туку лебдам. Толку години зборувавме дека Македонија има нешто што заслужува да стане национален симбол и сега, конечно, се случи тоа. Најголемата среќа е што државата ја презеде приказната и ја направи своја. Еден приватен ентузијаст може да започне идеја, но само институциите може да изградат национален бренд – вели Шкартов.

Од бегалец во Италија до човек што го откри богатството дома

Приказната за македонскиот рубин не започнува во рудникот „Сивец“, туку во Италија, каде што животот го однел Шкартов во најтешките години од почетокот на деведесеттите. Како млад човек што барал работа и нов почеток во Трст, не можел ниту да претпостави дека токму таму ќе се роди неговата животна определба.

– Работев како обичен работник кај Примо Ровис, голем италијански колекционер и љубител на минерали. Тој создаваше огромна приватна колекција од најретките кристали во светот. Судбината сакаше од физичка работа да преминам во подготовката на изложбите и тогаш пред мене се отвори еден сосема нов свет. Од 1992 до 2001 година живеев меѓу највредните минерали што постојат. Тоа искуство целосно ми го промени животот – го почна раскажувањето нашиот соговорник.

Во тие години, низ неговите раце поминале минерали од сите континенти. Гледал рубини од Африка и од Азија, сафири, смарагди, кварцови, турмалини, но во колекцијата имало и неколку необични примероци означени само како „рубини од Југославија“. Тогаш никој не знаел од каде точно потекнуваат.

– Кога се вратив во Македонија, почнав да ги посетувам нашите рудници. Сакав да видам што навистина поседуваме. Во Сивец, меѓу доломитските мермери, ги видов истите тие примероци што претходно ги имав гледано во Италија. Во истиот момент знаев дека тоа е местото. Конечно, ја открив нивната вистинска татковина – вели Деко.

Токму тогаш почнала една сосема нова мисија. Она што за рударите било дефект во мермерот, за него било природно богатство со непроценлива вредност.

– Кога има белиот мермер розови или црвени дамки, тој повеќе не се продава како прва класа. За рудниците, тоа беше проблем. За мене беше вистинско откровение. Сфатив дека во тие карпи се крие нешто што светот го познава како рубин – потенцира Деко.

Следувале години анализи во Германија и во Италија, лабораториски испитувања и споредби со примероци од светските наоѓалишта. Резултатите биле недвосмислени.

– Се покажа дека македонскиот рубин има сосема специфична малиноворозова боја поради присуството на хром во точно определена концентрација. Освен тоа, неговото геолошко потекло е исклучително ретко. Тој се наоѓа во доломитските мермери, што е многу необична природна појава. Токму тоа го прави единствен во Европа – вели Деко.

Камен стар речиси милијарда години

Додека многу држави ја градат својата препознатливост врз современи брендови, Македонија, вели нашиот соговорник, добила симбол стар стотици милиони години.

– Мермерните доломити во кои се наоѓа македонскиот рубин се стари најмалку 800 до 900 милиони години. Можно е да се и постари, бидејќи науката ја знае само нивната најмлада можна старост. Тоа значи дека тие карпи може слободно да бидат стари повеќе од една милијарда години. Зборуваме за едни од најстарите карпи на планетата. Затоа не станува збор само за украсен камен туку и за сведоштво за геолошката историја на Земјата. Со тоа, ние не продаваме само накит туку со тоа мало парче ние носиме дел од една исконска приказна што почнала многу пред човекот – нагласува Деко.

Најтешкиот дел не беше откривањето, туку убедувањето

Денес, кога ќе се спомене македонски рубин, многумина веднаш помислуваат на препознатливиот накит изработен во филигран. Но, пред дваесетина години, речиси никој не верувал дека може таков производ да стане национален бренд.

– Луѓето ми велеа: „Каков рубин? Кому му е грижа за тоа? Народот размислува за телефони, за работа, за живот“. Тоа беше најтешкиот период. Не знаеш дали некогаш ќе заживее идејата, ниту колку долго ќе трае таа инкубација – вели Деко.

Сепак, искуството стекнато во Италија му дало сигурност дека светот одамна научил да го претвора природното богатство во културен и во економски капитал.

– Италијанците направија светски бренд од пица составена од брашно, сирење и домати. Си реков, ако може тие да изградат препознатливост од тоа, зошто да не го направи Македонија истото со нешто што природата ни го подарила само нам. Во 2001 година ја отворив првата специјализирана продавница за минерали и кристали и интересот беше исклучително голем. Прво, луѓето доаѓаа од љубопитност. Потоа почнаа да прашуваат за кристалите, за нивната историја, за нивната симболика. Телевизиите почнаа да снимаат прилози, а јавноста полека ја прифаќаше приказната – раскажува Деко.

Но, потоа следувал уште еден голем предизвик: во Македонија немало технологија за обработка на скапоцени камења.

– Тоа беше целосно непозната област. Машини за дрво и метал постоеја, но тие не можеа да обработуваат рубин. Немаше Интернет, немаше видеа, немаше каде да научиш. Повторно ни помогнаа контактите од Италија. Малку по малку, купувавме половна опрема, дојдовме до еден мајстор кај Санремо што изработуваше вакви машини и така почнавме практично од нула. Неколку години траеше усовршувањето на техниката. До 2007 година веќе знаевме како правилно да го брусиме рубинот и како да го претвориме во накит достоен за неговата вредност. Дури тогаш почна вистинската приказна – кажува Деко.

Од скепса до национален симбол

Она што изгледа денес сосема природно – македонскиот рубин да биде вграден во филигрански накит и да се смета за едно од најавтентичните обележја на Македонија – пред дваесетина години било само идеја што многумина ја сметале за невозможна. По долгите години истражување, Шкартов сфатил дека не е доволно само откривањето на минералот. Требало да се создаде производ што ќе ја раскажува неговата приказна.

– На почетокот сфативме дека не е доволно само да кажеш дека имаме рубин. Луѓето мораа да го видат, да го допрат, да го понесат со себе. Така почна идејата да го претвориме во накит што ќе стане препознатлив за Македонија. Изборот беше сосема логичен. Нашиот филигран е еден од најубавите традиционални занаети што ги имаме. Но, историски гледано, во него речиси и да немало скапоцени камења. Не затоа што мајсторите не знаеле да ги вградуваат, туку затоа што Македонија со векови била периферија на големите царства. Највредните камења останувале во Константинопол, Венеција или во Прага. Нашите мајстори со малку сребро создавале прекрасни форми и орнаменти. Кога првпат го ставивме македонскиот рубин во средиштето на една филигранска розета, сите рекоа: „Тоа е тоа“. Недостигаше токму тоа камче – вели Деко.

Најнапред работел со старите мајстори од Старата скопска чаршија, а потоа и со помладата генерација филигранџии.

– Мајсторот Владо Гава беше меѓу првите што ја прифатија идејата. Подоцна се приклучи и семејството Клисаровски, една од најпознатите златарски фамилии кај нас. Потоа почнаа обуките за нови филигранџии и така полека се создаде еден нов правец во македонското занаетчиство. Денес, рачно изработениот филигран со македонски рубин веќе е препознатлив сувенир и престижен подарок што странците намерно го бараат. Странците денес влегуваат во дуќанот знаејќи што сакаат. Не купуваат само накит. Купуваат дел од Македонија – потенцира тој.

Пензионерките беа првите амбасадори

Интересно е што првите купувачи не биле политичари, бизнисмени или колекционери.

– Најпрво доаѓаа бабите. Пензионерки што нè виделе на утринска телевизиска емисија. Доаѓаа да купат мало приврзоче за внуката што дипломирала, за ќерката што живее во Австралија или во Германија. Тие беа првите луѓе што поверуваа во приказната. Подоцна пристигнаа дипломатите. Тие секогаш сакаат да откријат нешто автентично во земјата каде што служат. Се сеќавам на една дипломатка од Шведска што купи накит со македонски рубин. Кога ѝ заврши мандатот и се врати дома, секојпат кога повторно ќе дојдеше во Македонија, купуваше уште по некое парче. Велеше дека тоа ѝ е најдрагиот спомен од Македонија. Токму тие странски дипломати помогнаа и домашната јавност поинаку да го погледне рубинот. Кога видоа луѓето дека амбасадорите купуваат македонски рубини, почнаа да се прашуваат што има толку особено во нив. Тоа беше многу важен момент во градењето на довербата – раскажува Деко.

Потоа следувале иселениците. Деко вели дека „замислете човек што триесет години живее во Австралија, Канада или во Америка и одеднаш може да купи скапоцен камен од сопствената татковина. Тоа има огромна емоционална вредност. За нив, тоа не е само накит туку и спомен од домот“.

– Со развојот на туризмот, приказната почна уште побрзо да се шири. Кога почна Македонија поинтензивно да се промовира како туристичка дестинација, македонскиот рубин стана дел од таа приказна. Влегуваше во промотивните филмови, во туристичките материјали и сè повеќе луѓе почнаа да слушаат за него – додава тој.

Од папата до холивудските актерки

Денес, списокот со личности што поседуваат накит или уметнички предмети со македонски рубин е долг. Шкартов не го кажува тоа како причина за престиж, туку како доказ дека може една локална приказна да стане светски препознатлива. Посочи дека кабинетот на претседателот почнал да го користи македонскиот рубин како официјален дипломатски подарок за најзначајните државници.

Еден од највпечатливите моменти, раскажува, бил кога папата Франциск добил рачно изработен крст со македонски рубин.

– На видеото се гледа дека не само што го прима подарокот туку и веднаш го вади од кутијата и внимателно го разгледува. Тоа беше огромна чест. И неговиот претходник, папата Бенедикт XVI, доби изработен крст со македонски рубин – вели тој.

Меѓу познатите личности што понеле македонски накит се и актерките Дерил Хана, Изабел Ипер и Жилиет Бинош.

– Секојпат кога доаѓаше некоја голема филмска ѕвезда во Македонија, Филмскиот фонд подаруваше македонски рубин. Тоа беше убав начин светот да дознае дека постои едно мало место на Балканот што има свој скапоцен камен – вели Деко.

Не купуваат сребро, туку рубин

Иако денес изработува најразлични модели, Шкартов вели дека луѓето не доаѓаат поради рамката.

– Дојдов до едноставен заклучок: што и да е, само нека е македонски рубин. Среброто и златото се само постамент. Главната вредност е каменот. Жените најчесто избираат обетки, но и се тешки за изработка, затоа што треба да се избрусат речиси идентични камчиња. Тоа е многу покомплицирано отколку да се направи прстен. Истовремено, се трудиме накитот да биде достапен за различни генерации. Имаме и едноставни приврзоци, каде што камчето е речиси без рамка, за да може секој да си дозволи македонски рубин. Не сакавме тоа да остане производ само за најбогатите – истакна тој.

Но, можеби најголема придобивка, според него, не е продажбата, туку што преку оваа приказна повторно оживеа интересот за занаетчиството. Деко посочува дека денес гледаме млади луѓе што учат филигран и сакаат да останат да работат овде и додава „ако успее некој да заработува од својот занает во Македонија, тогаш сме направиле многу повеќе отколку што покажуваат бројките“.

Камен на љубовта и на проштавањето

Во текот на разговорот, Шкартов неколкупати нагласи дека секогаш прави јасна разлика меѓу научните факти и традиционалните верувања за кристалите. Научно се потврдени нивното минералошко потекло, староста, хемискиот состав и геолошката вредност. Но кога станува збор за влијанието врз човекот, тој зборува за вековната традиција и за симболиката што различни цивилизации им ја припишувале на скапоцените камења.

– Не сакам да кажам дека испуштаат кристалите некаква мистична позитивна енергија. Тоа не е научен јазик. Но,секој кристал има своја структура, своја стабилност и свои физички својства. Илјадници години луѓето верувале дека токму таа стабилност симболично влијае и врз човекот, а посебното место отсекогаш му припаѓало на рубинот. Во ведските текстови од Индија, рубинот се споменува како камен на животната сила, виталноста и заштитата. Македонскиот рубин е специфичен затоа што е розов, а розовата боја традиционално се поврзува со срцето, љубовта и со емпатијата. Токму затоа македонскиот рубин е камен на љубовта и на проштавањето. Кога има човекот мир во себе, тогаш полесно сака, полесно проштава и полесно ги надминува тешките моменти. Тоа е симболиката што сакавме да ја пренесеме – потенцира Деко.

Новиот статус на македонскиот рубин, убеден е Шкартов, нема да биде крај, туку почеток на една нова приказна.

– Германија ја препознавате по „мерцедес“, Италија по „ферари“, веспа или по пицата. Малите држави многу потешко создаваат препознатливост. Ние имаме исклучителна природа, култура и традиција. Македонскиот рубин е една од тие ретки работи што никој не може да ни ги одземе затоа што ги создала природата – вели Деко.

Тој верува дека токму затоа заштитата на географското потекло има многу поголемо значење од една административна одлука.

– Сега државата треба да продолжи таму каде што застанавме ние – да ги заштити и другите ретки минерали, да ги обезбеди како суровина за домашните занаетчии и да создаде нова вредност. Ако успееме во тоа, тогаш македонскиот рубин нема да биде само убав камен туку и симбол на една земја што, конечно, научила да ги препознава сопствените богатства – е пораката што, преку весникот ВЕЧЕР, ја испрати Шкартов до институциите.

Светлана БЛАЖЕВСКА

Фото: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ

 

 

ИЗДВОЕНИ