Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, се пофали дека Град Скопје го бележи најдобриот прв квартал во својата историја, со највисока реализација на капитални инвестиции досега.
– Во основниот буџет на Град Скопје за 2026 година беа планирани капитални инвестиции во износ од 1,85 милијарди денари, што претставува зголемување од 32,4 % во однос на 2025 година. Но, најважно е што овие средства не останаа само бројки на хартија. Во првиот квартал се реализирани 335,75 милиони денари, односно 18,12 % од вкупно планираните капитални инвестиции. Тоа е најдобра реализација за првиот квартал во историјата на Град Скопје – истакна Ѓорѓиевски.
Според него, тоа е резултат на дисциплина, работа, одговорност и секојдневна борба за секој денар да биде насочен таму каде што најмногу им треба на граѓаните: во улици, инфраструктура, јавни услуги, чистота, зеленило, сообраќај, функционални претпријатија и проекти што го менуваат ликот на градот.
Тој најави дека реализацијата на капиталните инвестиции во вториот квартал ќе биде рекордна.
– Само во април имаме реализација на капитални инвестиции во износ од 464,45 милиони денари, што е највисока априлска реализација споредено со која било година досега. Заклучно со 8 мај 2026 година, односно за период од само четири месеци и осум дена, реализацијата на капиталните инвестиции изнесува повеќе од 480 милиони денари, со што веќе се реализирани 26 % од вкупно планираните капитални инвестиции. За споредба, во првите четири месеци од 2026 година имаме подобра реализација од цел втор квартал, односно од првите шест месеци во повеќе претходни години: во 2025 година реализацијата изнесувала 463 милиони денари, во 2024 година 385,4 милиони денари, во 2023 година 420,5 милиони денари, а во 2022 година – 368,4 милиони денари. Тоа значи дека за само четири месеци веќе сме надминале цели шестмесечни периоди од претходни години – тврди Ѓорѓиевски.
Тој наведе и дека, паралелно со капиталните инвестиции, се обезбедени средства и за исплата на сите субвенции што се наследени како несработена документација од претходното раководство: субвенции за велосипеди, азбестни покриви, инвертер-клими, чистење оџаци, средношколски стипендии и други мерки важни за граѓаните. Но и дека се обезбедени повеќе од 467,9 милиони денари субвенции за јавните претпријатија: „Паркови и зеленило“, „Комунална хигиена“, „Дрисла“, „Лајка“, „Улици и патишта“ и ЈСП.
– Особено важно е што, покрај Град Скопје, има значително намалување на обврските и кај јавните претпријатија. За само четири-пет месеци, обврските на јавните претпријатија се намалени за околу 38,5 милиони евра. Предводник во ова намалување е ЈП „Водовод и канализација“, каде што се намалени обврските за 1,55 милијарди денари, односно повеќе од 25 милиони евра. Но, намалување на обврските има и кај ЈСП, „Улици и патишта“, „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Градски паркинг“ и „Дрисла“ – потенцира Ѓорѓиевски.
Градоначалникот истакна дека е воведен ред и во исплатата на платите и оти за само четири-пет месеци, обврските на Град Скопје се намалени за околу 11,6 милиони евра, додека тековните обврски на Градот се намалени за околу 5,5 милиони евра, а кредитните задолжувања се намалени за околу 2,2 милиони евра. Притоа биле исплатени 0,9 милиони евра долгови за експропријација, но и 2,5 милиони евра за тужени обврски, додека дополнително биле исплатени речиси 0,5 милиони евра преземени обврски по основ на субвенции, пензионирања, помош, комисии, управни и надзорни одбори, експропријации и спогодби, а биле префрлени средства и кон градската Изборна комисија.












