Хакери од Северна Кореја, поддржани од државата, во последните 18 месеци украле повеќе од 400 милиони долари во криптовалути. Според соопштението на ФБИ, хакерите тајно снимале поединци за подоцна да ги таргетираат нивните контакти.
ФБИ оваа кампања на социјален инженеринг ја нарекува „FaceStealer“.
Како што пренесува „Ројтерс“, жртвите се намамуваат во видеоповици преку лажни верзии на популарни апликации за состаноци, како што се „Zoom“, „Microsoft Teams“ и „Google Meet“.
Нападот започнува со повик од вистински контакт, чии профили на социјалните мрежи или платформи за комуникација претходно биле компромитирани. Хакерите веќе тајно собрале снимки од тие профили. Кога жртвата ќе одговори на повикот, хакерите ја снимаат и неа, додека на екранот се појавува лажно известување за техничка грешка.
За да се „реши“ проблемот, од жртвата се бара да кликне на одреден линк. Овој линк потоа го заразува компјутерот и профилите на социјалните мрежи на жртвата, а нејзините контакти подоцна се користат за ширење на нападот кон нови цели. Во официјалното соопштение објавено вчера, ФБИ потврди дека идентификувала и запленила повеќе од 900 видеоснимки, добиени преку снимање на жртвите со нивните сопствени веб-камери.
Од ФБИ наведуваат дека хакерите почнале да користат и вештачка интелигенција. Тие ја употребуваат за креирање „дипфејк“ (deepfake) видеа од познати и влијателни личности во секторите за криптовалути и блокчејн. ФБИ им ги припишува овие активности на севернокорејска хакерска група позната како „Sapphire Sleet“ или UNC1069. Агенцијата нагласува дека станува збор за посебна група, која не е поврзана со хакерите одговорни за неодамнешната кражба на 6,3 милијарди долари од берзата за криптовалути „Бајненс“.












