четврток, јуни 4, 2026
Дома СКОПСКА Се реконструира улицата „Лазар Димитров“

Се реконструира улицата „Лазар Димитров“

36

Се реконструира улицата „Лазар Димитров“, проект кој има за цел значително подобрување на локалната патна инфраструктура и овозможување побезбеден сообраќај за жителите на Општина Кисела Вода.

Од Општината информираат дека реконструкцијата се реализира во директна соработка со Министерството за транспорт.

– Проектот опфаќа обнова на коловозот во вкупна должина од 800 метри и просечна широчина од 3,2 метри. Вкупната површина која се реконструира изнесува 2.540 квадратни метри, за што ќе бидат вградени околу 430 тони нова асфалтна маса. Во моментов, градежната оператива интензивно работи на првата третина од улицата, односно на потег од околу 250 метри – соопштија од локалната самоуправа.

Притоа, објаснуваат дека главните позиции на изведба вклучуваат машинско стружење на стариот и оштетен асфалт, делумен ископ и санација со тампон на најкритичните делови, како и нивелирање на постојните шахти и сливници. По овие подготвителни активности, следува прскање со битуменска емулзија и финално поставување на новиот асфалтен слој.

– Средувањето и модернизацијата на патната инфраструктура останува наш врвен приоритет. Реконструкцијата на улицата „Лазар Димитров“, е уште еден чекор кон создавање побезбедни услови за сите учесници во сообраќајот. Преку ефикасната соработка со Министерството за транспорт, покажуваме дека со заеднички заложби можеме да испорачаме квалитетни решенија. Работиме посветено, според сите стандарди, за да добијат граѓаните инфраструктура каква што заслужуваат – истакна градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска – Трајкоска.

 

ИЗДВОЕНИ