Оваа колекција е наменета за современата жена која не се плаши да ја покаже својата автентичност, жена која е постојано во движење, свртена кон иднината, но длабоко предана на својот културен идентитет, со тивка почит кон традицијата и облеката на нашите предци, но и со гласност против неправдите и желба за рамноправно место под сонцето
Модната ревија со наслов „Еклиптика“, на која 11 студентки од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје ќе се претстават со креации работени во рамки на наставните активности, ќе се одржи на в недела (29 март ) во 19 часот во Дајмонд мол, во рамките на 32. издание на Моден викенд Скопје.
Креациите се создадени под менторство на проф. д-р Гордана Вренцоска и проф. м-р Александар Рашковиќ, а во соработка со м-р Александар Чавкароски и Гордана Божиновска.
– „Еклиптика“ – имагинарната линија по која се движи Сонцето низ небесната сфера во оваа колекција е интерпретирана како симбол на движење, рамнотежа и постојан космички циклус. Таа претставува точка на пресек, место каде што се среќаваат различни небесни тела, сили, енергии и ритми. Цикличноста на природните движења се пресликува и во цикличноста на модата, како потреба за навраќање кон минатото, но и желба за поглед кон иднината, посочуваат од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје.

Токму оваа идеја за хармонија во разновидноста послужи како концептуална основа за модната колекција реализирана од 11 студентки, од кои секоја се претставува со по три модели. Со свои креации, пред присутната публика, ќе се претстават Марија Роглева, Надица Николова, Симона Костадиновска, Рената Илиева, Ангела Трифуновска, Ивона Мицановска, Благица Николова, Анастасија Бојковска, Леона Давидовска, Ларита Василова и Анастасија Чадо.
Оваа колекција е наменета за современата жена која не се плаши да ја покаже својата автентичност, жена која е постојано во движење, свртена кон иднината, но длабоко предана на својот културен идентитет, со тивка почит кон традицијата и облеката на нашите предци, но и со гласност против неправдите и желба за рамноправно место под сонцето.
–Иако темата е заедничка, секоја авторка ја развива преку сопствена потконцептуална интерпретација, при што еклиптиката се чита и толкува на различни начини – како форма, како линија, како орбита, како пресек на светлина и сенка, како динамика на движење или како симболичка рамнотежа меѓу спротивности. Овие индивидуални пристапи резултираат со богат спектар на визуелни решенија, силуети и конструктивни експерименти, додаваат од Европскиот универзитет – Скопје.
Инаку, во процесот на обликување на моделите, истакнуваат, се користени разновидни материјали, кои дополнително ја нагласуваат пластичноста и концептуалната слоевитост на колекцијата. Од финиот свилен сатен, кој создава мек пад и суптилна елеганција, преку памучни и волнени ткаенини, штоф и тревира, кои носат структура и стабилност, па сè до тулот и органзата, кои внесуваат транспарентност и леснотија. Во одредени модели се појавуваат и современи материјали како неопрен и филц, кои овозможуваат поизразена архитектонска форма и волумен.
Резултатот е колекција што се одликува со голема разноликост на идеи, текстури, материјали и кроеви. Секој модел носи индивидуален авторски печат и визуелна приказна, но истовремено останува дел од една поширока концептуална целина. Така, различните модни визии се движат како тела во сопствени орбити, но сепак се поврзани во заедничката оска на еклиптиката. (Д.Т.)












