Зборот „инсцениран“ се прошири на социјалните мрежи по нападот на вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа, на која присуствуваше државниот врв на САД.
Непосредно по нападот на вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа во саботата навечер, влијателни лица, коментатори и случајни корисници ги преплавија мрежите како „Икс“, „Блускај“, „Инстаграм“ со теории на заговор за инцидентот и наводниот напаѓач, пишува порталот Wired.
И левичарските и десните профили тврдеа, без никакви докази, дека нападот бил инсцениран.
Претседателот Доналд Трамп, потпретседателот Џ.Д. Венс и десетици високи функционери на администрацијата и новинари присуствуваа на вечера во хотелот Хилтон во Вашингтон кога осомничениот, подоцна идентификуван од медиумите како Кол Томас Ален од Калифорнија, наводно претрчал покрај обезбедувањето кон настанот.
Тој бил приведен од полицијата, додека претседателот и потпретседателот биле евакуирани. Полицијата соопшти дека верува оти дејствувал сам, но не кажала која била неговата цел или кој бил неговиот мотив.
На мрежата Блускај, која има во голема мера левичарска база на корисници, многумина едноставно го препишаа зборот „ИЗМАМЕНО“, потсетувајќи на реакцијата по обидот за атентат врз Трамп во Батлер, Пенсилванија, во 2024 година.
На мрежата „Икс“, многумина тврдеа дека пукањето било инсценирано за да се зголеми поддршката за планот на Трамп да изгради нова балска сала во Белата куќа. Претседателот ја спомена балската сала на прес-конференција по инцидентот и во објава на „Трут соушал“ во недела наутро.
Многу истакнати поддржувачи на Трамп на интернет ја повторија потребата од таква сала.
„Дали е ова уште еден исцениран настан?“ праша еден корисник на платформата „Икс“ во објава што е прегледана повеќе од пет милиони пати.
Други корисници на социјалните медиуми, кои тврдеа дека инцидентот е исцениран, посочија на видео од Fox News од дописничката на Белата куќа Аиша Хасни како известува од хотелот Хилтон. Хасни им кажа на гледачите дека, пред пукањето, сопругот на прес-секретарката Каролин Ливит наводно ѝ рекол: „Мора да бидеш многу внимателна“, пред да биде прекинат повикот.
„Фокс њуз штотуку ја прекина нивната новинарка додека таа како да сугерираше дека пукањето било однапред смислена операција со лажно знаме“, напиша еден корисник на платформата „Икс“ во објава што е прегледана повеќе од два милиони пати.
Хани подоцна објасни дека сигналот на нејзиниот мобилен телефон се исклучил на локација позната по слаб прием.
„Ми рече да бидам внимателна затоа што светот е луд. Беше загрижен за мене“, рече таа.
„Не сакам да охрабрувам теории на заговор. Но, мислам… ова беше навистина чудно. Навистина чудно“, напиша Анџело Карузоне, претседател на „Медија метерс“ на „Блу скај“.
Самата Ливит се најде во центарот на теориите на заговор откако во интервју пред вечерата рече дека „ќе се испукаат истрели“, осврнувајќи се на шегите што се очекуваше Трамп да ги направи за време на настанот. По нападот, корисниците на платофрмата „Икс“ го нарекоа коментарот „чуден“, „сомнителен“ или „интересен избор на зборови“ и споделија мемиња што сугерираат дека пукањето е инсценирано. Барем еден голем медиум дополнително ја поттикна теоријата на заговор опишувајќи ја нејзината изјава како „морничава“ и „бизарна“.
Теориите на заговор продолжија да се шират без никакви докази. Не се објавени нови информации за мотивите на наводниот стрелец, а теориите на заговор околу ваквите инциденти често брзо се менуваат во деновите и неделите по настанот.
Мислењата се формираат и понатаму: на пример, екстремно десничарскиот теоретичар на заговор Алекс Џонс премина од сомневање дека инцидентот бил инсцениран до тврдење дека не бил, за само неколку часа.












