Се појавија снимки од апсењето на Рахим Стерлинг по сообраќајниот инцидент на автопатот М3 во Англија, поради кој поранешниот репрезентативец на Англија мораше да се појави пред суд.

На снимката од полициската камера се гледа моментот кога полицајците му приоѓаат на Стерлинг и му ставаат лисици. Еден од полицајците го известува дека е уапсен под сомнение за опасно возење и возење во состојба на неспособност поради алкохол или дрога.

Кралската обвинителска служба во меѓувреме објави и снимка од самиот инцидент, кој се случил на 28 мај. На неа се гледа како „Ламборгини Урус“, управуван од Стерлинг, неколку пати менува ленти пред да удри во заштитната ограда.

Случајот продолжил пред Судот за прекршоци во Бејзингсток, каде што Стерлинг се изјаснил за виновен за опасно возење.

Поранешниот фудбалер на Манчестер Сити признал и дека поседувал шест канистри со азотен оксид наменети за недозволена инхалација, како и дека не дал примерок побаран од полицијата.

Стерлинг зад себе има богата репрезентативна кариера. За Англија одигра 82 натпревари и постигна 20 гола.

На клупски план настапуваше за Ливерпул, Манчестер Сити, Челзи и Арсенал, а минатата сезона имаше и краток ангажман во Фејенорд.

ИЗДВОЕНИ