четврток, ноември 5, 2026
Дома СПОРТ Фудбалскиот свет се прости од несреќно загинатиот фудбалер: Последен поздрав за Хесус...

Фудбалскиот свет се прости од несреќно загинатиот фудбалер: Последен поздрав за Хесус де Мигел

0

Селекторот на шпанската фудбалска репрезентација, Луис де ла Фуенте, и претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, денес присуствуваа на погребот на шпанскиот фудбалер Хесус де Мигел, кој почина по судир со противничкиот голман за време на натпревар.

Де Мигел (30) почина во вторник, еден ден откако доживеа срцев удар по судирот со голманот на Андора, Хесус Овоно, во натпревар од втората шпанска лига.

На погребот присуствуваа и неговите соиграчи од Тенерифе, кои допатуваа од Канарските Острови за да му оддадат последна почит на починатиот фудбалер.

„Со голема тага и искрени емоции изразуваме сочувство и почит. Ова е најдобриот начин да покажеме дека фудбалската заедница е обединета и да им понудиме поддршка на неговите најблиски“, рече Де ла Фуенте пред церемонијата.

Погребната поворка стигна до црквата во Навахермоса, град во централна Шпанија, каде што беше погребан Де Мигел. Десетици луѓе го следеа погребното возило, некои носејќи свеќи.

Родителите на починатиот фудбалер се по потекло од Навахермоса, град со околу 3.000 жители, кој прогласи тридневна жалост. Знамињата на градското собрание беа спуштени на половина копје.

Де Мигел е роден во Мадрид и играл за неколку шпански клубови од пониските лиги во текот на својата кариера. Минатата година, тој му помогна на Тенерифе да освои промоција во втората лига.

Несреќата се случи во понеделник, кога голманот на Андора, Хесус Овоно, додека се бореше за висока топка, налета на Де Мигел, кој не го виде својот противник. Фудбалерот се струполи на теренот и беше лекуван од медицинскиот персонал околу пет минути пред да биде однесен во болница.

По инцидентот, Овоно изрази жалење и упати сочувство до семејството на починатиот фудбалер, кој зад себе остави сопруга и едногодишна ќерка.

Шпанската национална полиција отвори истрага за можно кривично дело убиство од небрежност, што е стандардна постапка во случаи на неприродна смрт. Истражителите, меѓу другото, ќе проценат дали интервенцијата на голманот била надвор од опсегот на нормалната игра.

Смртта на Де Мигел го шокираше фудбалскиот свет, а бројни европски клубови испратија пораки со сочувство. Почит му беше оддаденa на шпанскиот фудбалер и за време на натпреварите од Лигата на шампионите оваа недела.

ИЗДВОЕНИ