петок, ноември 6, 2026
Дома СВЕТ Путин ги потврди трилатералните преговори во Абу Даби

Путин ги потврди трилатералните преговори во Абу Даби

0
EPA/PAVEL BEDNYAKOV / AP POOL

Рускиот претседател Владимир Путин потврди дека трилатералните преговори меѓу Русија, САД и Украина ќе започнат на 10 ноември во Абу Даби, најавувајќи дека Москва има намера за време на средбата да ги разгледа можностите за политичко решавање на украинскиот конфликт. Во пресрет на оваа нова рунда разговори, рускиот претседател се сретна со постојаните членови на Советот за безбедност и со претставници на делегацијата што ќе учествува во преговорите.

Според соопштението од Кремљ, разговорите ќе се одржат на 10 и 11 ноември во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, при што Вашингтон ќе дејствува како посредник.

„Како што знаете, за следната недела, во вторник, во Обединетите Арапски Емирати се закажани трилатерални преговори во врска со Украина. Му благодариме на раководството на таа земја, кое постојано ни помага во изнаоѓањето решение за украинската криза“, изјави Путин.

Рускиот претседател истакна дека на средбата ги поканил функционерите кои ќе бидат директно вклучени во разговорите, за тие – заедно со членовите на Советот за безбедност – да можат да ги разгледаат подготовките и преговарачките позиции на Москва.

Руската делегација ќе ја предводи помошникот на претседателот, Владимир Медински, кој и претходно учествувал во преговорите со украинската страна. На средбата во Кремљ присуствуваа и претставници од рускиот дипломатски и безбедносен апарат, меѓу кои Јуриј Ушаков, Сергеј Рјабков и Михаил Галузин. Спротивставени информации од Киев во врска со составот на делегацијата.

Пред разговорите во Абу Даби, од Киев пристигнаа спротивставени информации за тоа кој ќе го предводи украинскиот преговарачки тим.

Кирило Буданов, висок функционер во кабинетот на украинскиот претседател, за американската телевизиска мрежа CBS изјави дека ќе учествува во претстојните преговори. Првичните извештаи сугерираа дека Буданов ќе ја предводи украинската делегација, но тоа подоцна беше демантирано од кабинетот на Володимир Зеленски.

Дмитро Литвин, советник за комуникации на украинскиот претседател, појасни дека Буданов нема да биде на чело на делегацијата, туку ќе биде еден од нејзините членови. Според информации од Киев, задачата да го предводи преговарачкиот тим повторно му е доверена на Рустем Умеров, актуелниот директор на Службата за надворешно разузнавање на Украина.

Зборувајќи за очекувањата од средбата, Буданов истакна дека не треба да се очекува брз договор, иако додаде дека самото обновување на директниот контакт претставува напредок.

„Овие преговори не се ниту последни, ниту конечни. Ќе разговараме за условите неопходни за завршување на војната. Ќе се воздржам од проценки за тоа што би можеле да постигнеме. Ќе видиме за неколку дена“, рече Буданов.

ИЗДВОЕНИ