– Филмот ќе биде љубовна, еротска, црна комедија што се случува во денешно време, во Македонија, со тажен крај и со многу смеа и солзи. Тоа е приказна за двајца луѓе што се на дното на општеството, што не се присутни во нашата физичка реалност, бидејќи никој не ги забележува, што се на работ на егзистенцијата и што се сакаат. Единствен начин за нив да бидат успешни е во лажната реалност во која живееме, а тоа се вика социјални медиуми – рече македонскиот сценарист и режисер Дарко Митревски на средбата со новинарите во Скопје, на која го најави новиот филмски проект во кој главните улоги ќе ги толкуваат Сашко Коцев, Јелена Јованова и Тони Михајловски

На еден од најгледаните македонски филмови, легендарната црна комедија „Бал-кан-кан“, по 21 година, ќе се снима продолжение. Ова го најави, на средбата со новинарите денеска во Скопје, нејзиниот автор, македонскиот сценарист и режисер Дарко Митревски, кој живее во САД и кој по цели 14 години професионално отсуство, повторно ќе работи во Македонија.

– Проектот е спин оф (ново дело произлезено од веќе постојно познато дело) на филмот „Бал-кан-кан“, сместен во истиот уметнички свет, но со нови ликови и нова приказна во која главната улога му припаѓа на Сашко Коцев – рече Митревски, додавајќи дека во главната женска улога ќе игра Јелена Јованова, а како негативец ќе настапи Тони Михајловски.

Како што истакна Митревски, станува збор за приказна што претставува коментар на социјалните медиуми.

– Тоа е приказна за двајца луѓе што се на дното на општеството, што не се присутни во нашата физичка реалност, бидејќи никој не ги забележува, што се на работ на егзистенцијата и што се сакаат. Единствен начин за нив е да бидат успешни не во оваа реалност во која живеат, туку во лажната реалност во која, исто така, живееме, а тоа се вика социјални медиуми. Тоа се луѓе што по грешка, по случајност, стануваат светски познати. И колку што повеќе заглибуваат во славата толку повеќе пропаѓаат во животот – појасни тој.

Додаде дека во текот на неговото отсуство од Македонија речиси сè е сменето, и „медиумскиот пејзаж и генерациите се промениле“.

– Стварноста што ја живееме е лажна. Стварноста на „Тик-ток“, на „Фејсбук“, на „Инстаграм“, на сето ова што ни се случуваше во изминатите 15 години – тоа е лажна стварност. Ние не сме присутни овде да се допреме, да си кажеме. Ние живееме на „Месинџер“, на „Вибер“, ние живееме во еден свет што е дигитален, од нули и единици се состои – истакна Митревски.

Додаде дека по иницијалната идеја, сценариото го напишал исклучително брзо, за околу четири недели.

– По мое скромно мислење, мислам дека тоа е нешто најдобро што сум го напишал во животот. Сфатив дека, всушност, треба да ја сместам целата приказна во некој свет што сум го создал порано. Така што приказната е спин оф, а не е продолжение. Филмот ќе биде љубовна, еротска, црна комедија што се случува во денешно време, во Македонија, со тажен крај и со многу смеа и солзи – посочи Митревски.

Инспирацијата, пак, за работниот наслов на филмот е од познат македонски шлагер, а локацијата и времето на снимање ги најави за следната година, во Скопје. Музиката, како што рече, ќе ја работи Кирил Џајковски.

– Ние сега тргнуваме во потрага по финансирање. Прилично сме ентузијасти и уверени дека ќе го склопиме буџетот за филмот во наредните 6-8 месеци. И по тоа, сме во потрага по екипа, бидејќи ова е амбициозен проект, има место за многу луѓе. Станува збор за еден необичен филм, во кој нема да играат само глумци. Всушност, во кој ќе се појават ликови од нашето секојдневие, ликови што се инфлуенсери, ликови што ги знаеме од разни сфери на општеството. Сакам да направам филм што ќе биде пресликување на оваа Македонија, денешна, како што ја гледам јас, бидејќи не живеам во неа, но онака како што ја доживувам – додаде Митревски.

Прашан дали ќе кореспондира филмот со сегашноста, бидејќи претставува еден вид продолжение на „Бал-кан-кан“, режисерот рече дека тој намерно ќе биде спин оф, не заради влечење корист од старата слава туку како „играње мајтап“.

– Тоа е еден циничен коментар на самиот себеси – додаде Митревски.

„Бал-кан-кан“ (2005)

Сценаристот и режисер е познат како автор на едни од најгледаните македонски филмови во историјата на македонската кинематографија, на „Бал-кан-кан“ со 150.000 продадени киновлезници, како и на фудбалскиот еп „Трето полувреме“, кој, во киносалите низ Македонија, го видоа над 90.000 гледачи. Исто така, тој е автор и на популарните ТВ-серии „Уа, шнајдери!“ и „Досие Скопје“, како и креатор на низа музички видеа од златното време на македонската поп и рок-музика. Во САД, потпишал договор за отстапување на правата за две свои сценарија, кои очекуваат реализација, а неодамна, во продукција на „Винигар синдром“, излегло и луксузно блуреј реиздание на неговиот првенец, „Збогум на дваесеттиот век“, на кој тој е коавтор на сценариото и режијата, заедно со Александар Поповски. Неговите филмови имаат настапено на стотина филмски фестивали низ светот. На средбата со новинарите во Скопје, нагласи дека повеќе не го оптоваруваат фестивалите, наградите и гледаноста, туку желбата да работи со пријатели пред и зад камерата.

За искуството и за знаењето што го стекнал, пак, во САД, а ќе го употреби во новиот филм, рече дека сака да го сподели со младите колеги во Македонија за да може што повеќе луѓе да учат од него.

– Кога отидов таму, мислев дека знам сè. Не. Сега, кога ќе се свртам наназад, сфаќам дека сум знаел многу малку, имав само голем талент. Е колкав е сега тој талент, тоа ќе го кажат филмската публика и критичарите.

Неговиот совет до младите од филмската фела е да станат подобри од своите претходници, да го освојат срцето на публиката.

– Не е битен режисерот. Не е битно кој го напишал сценариото. Битно е тоа што ќе остане во меморијата на овој народ. Им велам на младите: „Влезете во меморијата на овој народ, станете дел од оваа култура! Заборавете ги големите фестивали и награди, нема тие да ве направат големи. Она што ќе ве направи големи е кога ќе одите на улица и ќе слушнете како некој ја цитира репликата од вашиот филм, а нема ни да знае кој сте“ – рече Митревски. (Н. И. Т.)

„Како да не снимите здодевен филм?“ – Митревски со провокативен мастерклас на „Браќа Манаки“

На Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, Дарко Митревски ќе гостува како предавач со провокативно насловен мастерклас: „Како да не снимите здодевен филм?“, кој ќе се одржи на 25 септември.

Тој ќе сподели дел од своите досегашни професионални искуства и неколку сценаристички „рецепти“ за помладите колеги. Мастеркласот „Како да не снимите здодевен филм?“ е замислен како презентација на низа раскажувачки техники со кои писателите го пленат вниманието на публиката уште од времињата на античката драма, па сè до епохата на современиот Холивуд.

Или кажано со неговиот пргав вокабулар: „Во пишувањето филмски приказни не постои нешто што се вика недостиг на инспирација. Постои само незнаење и мрза, кои лесно може да се победат доколку се поседува алатот и се знае занаетот“.

Фото: Ѕ.Плавевски

ИЗДВОЕНИ