Под надзор на прилепскиот Завод и музеј, екипите на прилепските јавни комунални претпријатија, викендот, започнаа акција за чистење и уредување на просторот околу и во споменикот на културата „Чарши џамија“, во центарот на Прилеп. Просторот ќе биде исчистен, уреден, ограден и соодветно осветлен, со почит кон неговото историско значење.
Овој споменик на културата беше запоставен со години.
–Со години, овој простор е оставен во запуштена и руинирана состојба, нешто што не му прилега на Прилеп. Нашата обврска е да го зачуваме и да го уредиме секое место кое сведочи за историјата на градот. Просторот ќе биде исчистен, уреден, ограден и соодветно осветлен, со почит кон неговото историско значење. Различностите мора да ги почитуваме, а културното наследство да го чуваме – вели градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски.
„Чарши џамија“ потекнува од 15 век, а за споменик на културата е прогласена во 1955 година.












