
САД бомбардираа и напаѓаа цели во Иран во неделата, втор ден по ред, како што наведуваат, како одговор на иранскиот напад врз танкер за нафта во Хормускиот Проток.
„Американските авиони штотуку ги нападнаа иранските магацини за ракети и беспилотни летала и крајбрежните радарски станици поради уште едно иранско кршење на договорот за прекин на огнот“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа „Трут сошл“.
Од друга страна, Иран ги обвини САД дека се единствениот виновник за кршењето на прекинот на огнот. Иранските медиуми објавија неколку експлозии во регионите Сирик и Кешм на југот од земјата.
„Можеби ќе дојде време кога веќе нема да можеме или нема да сакаме да бидеме разумни. Тогаш ќе бидеме принудени воено да ја завршиме работата што многу успешно ја почнавме. Ако тоа некогаш се случи, тогаш Исламската Република Иран сигурно повеќе нема да постои“, додаде Трамп на својата социјална мрежа. Американската централна команда додаде дека американските авиони целеле кон „иранската воена инфраструктура, комуникациските системи, локациите за воздушна одбрана, магацините за беспилотни летала и објектите за поставување мини“.
Иранската морнарица и воздухопловните сили почнаа заеднички напад кој вклучуваше беспилотни летала врз Кувајт и Бахреин како одговор на американските напади неколку часа претходно, објавија иранските медиуми. Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) додаде дека во иднина ќе реагира уште порешително ако се прекршат склучените договори и дека секоја непријателска агресија ќе добие жесток одговор.
– Американските бази во регионот би можеле да доживеат пекол овие денови, објави Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда.
Иранските напади врз Кувајт и Бахреин во неделата беа потврдени за „Ројтерс“ од неименуван американски функционер, наведувајќи дека „ситуацијата сè уште се развива“. Тој додаде дека нема пријавени американски жртви или поголеми штети на американски објекти на Блискиот Исток. Иран подоцна објави дека е „решен да го брани својот суверенитет“ по последните американски напади врз земјата, при што двете страни се обвинуваа меѓусебно за кршење на кревкиот прекин на огнот, додека почнуваат разговори за решавање на конфликтот на Блискиот Исток.
– Иран остро ги осудува воздушните напади на американската терористичка армија врз неколку објекти за надзор и контрола на јужниот брег на земјата во раните утрински часови во недела, објави иранското Министерство за надворешни работи, нагласувајќи ја својата „решеност да го брани националниот суверенитет на Иран од американската агресија“.











