НАЈАВА ЗА РАЗГОВОРИ ЗА ИДНИНАТА НА ДРЖАВАТА ПРЕДИЗВИКА РЕАКЦИЈА КАЈ ОПОЗИЦИСКИТЕ СОЦИЈАЛДЕМОКРАТИ
Закажана дебата за утре, чиј модератор ќе биде универзитетски професор и поранешен функционер на СДСМ, Игор Ивановски, предизвика жестока реакција на актуелното раководство на неговите поранешни социјалдемократски сопартијци. Дебатата именувана како „Разговори за иднината во 12.05“, според поканата која е објавена во јавноста, има за цел „искрена и аргументирана дебата за клучните прашања кои ја обликуваат иднината на Македонија“. На неа се поканети повеќе личности познати во јавноста, а според неофицијалните сознанија, на неа се очекува учество и на повеќе поранешни функционери на СДСМ. Сето тоа, во јавноста ги подгрејува шпекулациите дека се работи за промоција на групација на поранешни и актуелни функционери и приврзаници на СДСМ, кои се спротивставуваат на начинот на кој актуелното раководство на чело со Венко Филипче ја водат најголемата опозициска партија.
Кристијан Дојчиновски, од редовите на СДСМ, денеска обвини дека зад проектот стои премиерот Христијан Мицкоски, а дека неговата цел е раситнувањето на опозицијата.
– Ние знаеме кој е организатор. Се вика Христијан Мицкоски, шеф на организирана криминална група ВМРО. Ова не е отворена дебата за иднината на Македонија. Тоа значи создавање на повеќе опозициски блокови по моделот на Вучиќ од Србија – разбивање на гласовите и збунување на граѓаните. Кога Мицкоски сака да направи нов политички проект за разбивање на опозициските гласови, тој не го прави тоа јавно. Тој собира луѓе без имиња, во сала без име, со организатор без име, и под странски правила за тајност, разговара за „иднината на државата“ – потенцира Дојчиновски.
Појавувањето на оваа групација, чиј еден од лидерите, според неофицијалните информации, е токму Игор Ивановски, беше навестено пред неколку месеци и најавената трибина ќе претставува нивна своевидна прва промоција. Игор Ивановски вчера не одговараше на телефонските повици, но од редовите на организаторите што сакаа да останат анонимни се дознава дека на првата сесија се поканети околу дваесетина познати личности. Состанокот ќе биде од затворен тип, без присуство на јавноста, и од него ќе биде издадено соопштение придружено и со фотографиите. Меѓу поканетите има и претседател на партија од коалицијата на Филипче, актуелни сегашни и поранешни пратеници, актуелен и поранешен градоначалник, кандидати од локалните избори и внатрепартиските претседателски избори во СДСМ, основачи на партијата, но и граѓански активисти.
Оттаму демантираат дека овој процес е вовед во формирање нова партија која би била конкуренција на СДСМ.
– Нагласуваме дека на Македонија не ѝ се потребни нови НСДП или ЗНАМ, туку здрав фундамент кој подразбира нови вредносни принципи во политиката наспроти голиот клиентелизам кој сега доминира. Фокусот е прогресивната и демократска јавност во и надвор од опозициските партии која бара кредибилна понуда – наведуваат изворите.
Во поканата за дебата е наведено дека темата на дискусија ќе биде иднината на државата и нејзините перспективи за раст и развој, предизвиците на владеењето на правото и отпорноста на институциите, политички плурализам и состојбата на опозициското дејствување и научените лекции од минатото и можни патишта за иднината. Се додава дека со тоа се наметнуваат и дилемите како сеприсутната општествена апатија да се преточи во нова енергија за подобра држава и здраво општество и дали во Македонија има граѓанска волја за Нов општествен договор? (Б. Ѓ.)












