Саудиска Арабија ги повикала САД да ги засилат нападите врз Иран, додека сериозно размислува дали директно да се вклучи во конфликтот, откриваат разузнавачки извори.

Според извештај на „Њујорк тајмс“, престолонаследникот Мохамед бин Салман го повикал Доналд Трамп да не ја прекинува воената кампања против Иран, оценувајќи ја како „историска можност“ за преобликување на Блискиот Исток.

Трамп индиректно ја потврди оваа комуникација, изјавувајќи дека принцот „се бори со нив“, што дополнително ја подгреа атмосферата околу потенцијалната улога на Ријад во војната.

Иако засега нема официјална потврда за директно учество на саудиската армија, аналитичарите сметаат дека тоа би можело да се случи доколку пропаднат мировните напори, особено оние предводени од Пакистан.

Геополитичкиот аналитичар Мохамед Алхамад нагласува дека клучната одлука сега е на Иран. Доколку Техеран прифати преговори, можно е да се избегне ескалација. Но, ако продолжи со нападите, „прагот за саудиска акција ќе биде пречекорен“.

Во меѓувреме, Саудиска Арабија веќе беше цел на ирански напади со беспилотни летала, како одговор на американско-израелските операции од 28 февруари. Еден од нападите ја погоди рафинеријата во Јанбу, на брегот на Црвеното Море, што се смета за сериозно предупредување од Техеран.

Дополнителна закана претставува можноста за вклучување на движењето Хути од Јемен, кое располага со значителен ракетен арсенал и би можело да отвори нов фронт.

И покрај тензиите, Саудиска Арабија засега одржува внимателна неутралност. Но, експертите предупредуваат дека секој нов напад врз саудиски цели би можел да го турне Ријад кон директна воена реакција или приклучување кон поширока коалиција.

Ривалството меѓу Саудиска Арабија и Иран трае со децении, но последниве години Ријад се обидуваше да го намали конфликтот преку дипломатски канали. Во 2023 година, двете земји дури и ги обновија односите со посредство на Кина.

Сепак, актуелната војна повторно ја отвори старата дилема за Саудијците – дали да останат настрана или активно да се вклучат во конфликтот кој може да го преобликува целиот регион.

ИЗДВОЕНИ