Конфликтот на Блискиот Исток засега нема да предизвика поголеми нарушувања во авиосообраќајот од македонските аеродроми, информираат од ТАВ Македонија. Можно е ограничено влијание кај дел од дестинациите, но генерално се очекува стабилност во бројот на летови и патници.
Единствена позначајна промена во моментов е одлуката на Wizz Air да ја прекине редовната линија Скопје–Ларнака од 13 април, која во иднина ќе се реализира како сезонска во летниот период, поради намален интерес за резервации.
Од ТАВ Македонија посочуваат дека најголемиот дел од сообраќајот е поврзан со европски дестинации, особено во Западна и Северна Европа, што значително го намалува директното влијание од кризата. Воедно, компанијата е во постојана комуникација со авиопревозниците и внимателно ја следи ситуацијата.
Со почетокот на летниот ред на летање се воведуваат и нови линии. Од Меѓународен аеродром Скопје ќе сообраќаат 16 авиокомпании до 49 дестинации, додека Аеродром Св. Апостол Павле Охрид ќе нуди летови до 13 дестинации со седум авиокомпании.
Меѓу новитетите се линиите Охрид–Милано, Скопје–Неапол и повторното воведување на рутата до Будимпешта, како и нови летови кон Палермо и Алгеро во текот на летото.
Паралелно, започнува и реконструкцијата на охридскиот аеродром, инвестиција вредна 2,7 милиони евра, која треба да заврши до крајот на мај. Според надлежните, работите нема да го попречат редовниот авиосообраќај.
По успешната 2025 година и силната зимска сезона, од ТАВ Македонија очекуваат продолжување на растот, со зголемен број патници и проширување на мрежата на дестинации.











