Со проекцијата на филмот „Татковина“ (Fatherland), во режија на Павел Павликовски, во петокот, во Народниот театар во Сараево беше отворено 32. издание на Сараевскиот филмски фестивал, кое ќе трае до 21 август.

На црвениот килим, покрај бројните гости, меѓу кои мексиканскиот актер и режисер Диего Луна, полскиот режисер и оскаровец Павел Павликовски, британската актерка и претседателка на жирито Емили Вотсон, прошетаа и членовите на меѓународното жири што ќе ги додели наградите „Срцето на Сараево“ во главната натпреварувачка програма на фестивалот. Меѓу нив беше и нашата актерка Сара Климоска.
Во краткото интервју на црвениот килим, македонската актерката рече дека е среќна што е повторно во Сараево, на фестивалот, бидејќи чувството секогаш е неверојатно.

– Ги сакам атмосферата, енергијата, црвениот килим и сè околу фестивалот. Се чувствувам прекрасно – изјави Климоска.
На прашањето дали има совет каква е правилната подготовка за црвениот килим, Климоска скромно рече дека, иако е актерка, секогаш се чувствува неудобно кога позира.
– Но затоа што сум актерка, можам да се преправам дека се чувствувам доволно удобно – се насмеа таа.
Додаде дека одлуката за тоа кој филм ќе победи ќе биде тешка, но дека ќе ужива гледајќи ги филмовите. Посочи и дека е инспирирана од работата на својата неверојатна колешка Емили Вотсон и е среќна што заедно со неа може да биде дел од жирито во Сараево.

На фестивалот, на Вотсон ѝ беше врачено „Почесното срце на Сараево“, награда што им оддава почит на нејзината исклучителна актерска кариера и на трајниот впечаток што го оставила врз светската кинематографија, како и на Диего Луна, како признание за неговото исклучително уметничко патување и за придонесот во светската кинематографија, кој одржа и мастерклас.

Македонската малцинска копродукција „Срам и пари“ на Висар Морина, која е дел од натпреварувачката програма за долгометражен игран филм, во Народниот театар во Сараево ја имаше својата регионална премиера.

Пред проекцијата, филмската екипа прошета по црвениот килим, каде што беше пречекана од гостите и од филмските работници на Фестивалот. (Н.И.Т.)
Фото: ФБ на Сараевски филмски фестивал












