За едни, посвојувањето е почеток на нов живот и ново семејство. За други, тоа е и прашање што, порано или подоцна, станува неизбежно: кои се нивните биолошки родители. Во Македонија, меѓутоа, одговорите на овие прашања сè уште се зад завесата на законската тајна. Членот 123-а од Законот за семејството предвидува дека „податоците за заснованите посвојувања се службена тајна“. Одредбата е воведена во 2004 година и со години претставува правна пречка за посвоените што сакаат да дознаат повеќе за сопственото потекло.
Прашањето повторно се отвора од Здружението „Градиме иднина“, кое вчера најави кампања „И ти имаш право да ги знаеш твоите биолошки родители“, која почна пред Министерството за труд и социјална политика, а потоа ќе продолжи во Скопје, Битола, Охрид и во други општини. Претседателот на Здружението, Илија Јовановиќ, вели дека ќе бараат промена на законската регулатива и право посвоените и згрижените деца, според предлогот што го застапуваат, од одредена возраст да можат да ги дознаат податоците за своите биолошки родители.
– Ќе ги бараме правата од Министерството за труд и социјална политика, да знаат посвоените и згрижените, кога ќе наполнат 15 години, кои им се биолошки родители. Нема да дозволиме да се измени идентитетот на новороденчето. Им порачувам на сите посвоени: не талкајте, сите податоци се во архивот, па дури и болестите на биолошките родители. Ја прашувам државата зошто им го крати правото да ги знаат вистинските родители – вели Јовановиќ.
Од Здружението тврдат дека во моментов имаат меѓу 40 и 70 случаи на лица што бараат информации за своето биолошко потекло.
Паралелно со граѓанската иницијатива, на темата работи и пратеничката група на движењето ЗНАМ – За наша Македонија. Од партијата информираат дека подготвуваат измени и дополнувања на Законот за семејство, на иницијатива на членка на партијата и на Здружението на граѓани „Куќа на среќата – Скопје“.
Целта, како што велат, е да се подобри постојната законска регулатива и да се создадат услови за остварување на правата и интересите на сите засегнати – посвоените деца, посвоителите и биолошките родители.
– Практичната примена на Законот ја наметнува и потребата од допрецизирање на одредби со кои грубо се занемаруваат посвоените деца, со цел криење на вистината, која ја дознаваат во текот на животот. Досегашната практика и искуствата од примената на спорниот член од Законот (член 123а – Податоците за заснованите посвојувања се службена тајна) укажува дека овој член не е во најдобар интерес на посвоените деца, кои по дознавањето дека се посвоени, трагаат по своето потекло, сакаат да ги знаат вистината и сопствениот идентитет, кој им е променет со самото посвојување – изјави за весникот ВЕЧЕР пратеникот на движењето ЗНАМ, генерал Павле Арсоски.
Пратеничката група најавува широки консултации со граѓаните, граѓанските организации и со надлежното Министерство за социјална политика, демографија и млади, како и компаративна анализа на законските решенија во регионот и во Европската Унија.
Македонија веќе има пресуда од Европскиот суд за човекови права токму за невозможноста посвоено лице да добие информации за своето биолошко потекло. Во случајот „Митревска против Северна Македонија“, Европскиот суд во Стразбур на 14 мај 2024 година едногласно утврди повреда на членот 8 од Европската конвенција за човекови права – правото на почитување на приватниот и семејниот живот. Пресудата стана конечна на 14 август 2024 година. Судот особено го нотирал фактот дека македонскиот закон не овозможувал ниту пристап до неидентификувачки информации за биолошкото потекло или за детството, а немало ниту исклучок што би им овозможил на институциите да ги разгледаат медицинските причини поради кои бара лицето информации. Прашањето веќе еднаш стигна до Уставниот суд. Во 2019 година, Судот оценуваше иницијатива со која се оспоруваше членот 123-а, со аргумент дека тој го ограничува правото на посвоените деца да добијат информации за своето потекло. Уставниот суд тогаш оцени дека одредбата е уставно дозволена, образложувајќи дека тајноста има цел да ги заштити односите создадени со посвојувањето и најдобриот интерес на посвоеното дете.
Во Хрватска, на пример, секој граѓанин има право да ги знае биолошките родители со наполнети 18 години. (П. А.)












