Несекојдневната глетка предизвика внимание кај скопјани, а фотографиите брзо се проширија на социјалните мрежи. Кобилата и новороденото ждребе биле пронајдени на улица во Карпош, во услови несоодветни за раѓање и за престој на животни. По реакциите на граѓаните, екипи на Зоолошката градина во Скопје интервенирале и ги презеле животните. Кобилата и ждребето се сместени на безбедно и ги добиваат потребните нега и стручен третман

Жителите на скопски Карпош утрово беа сведоци на сцена што ретко може да се види во урбана средина. Наместо во штала или на пасиште, едно ждребе дојде на свет среде град, на улица. Фотографијата од необичниот настан првично ја сподели граѓанинот Игор Паневски на „Фејсбук“, по што глетката брзо привлече внимание на социјалните мрежи. На фотографијата се гледа новороденото ждребе покрај својата мајка, веднаш по раѓањето.
Настанот се случи утрово, кога улиците на Карпош беа исполнети со вообичаената градска динамика. Необичната појава беше особено впечатлива со оглед на тоа што станува збор за една од најурбанизираните скопски населби.
Објавата предизвика бројни реакции кај граѓаните. Дел од нив ја пречекаа сцената со симпатии и со воодушевување, додека други изразија загриженост за состојбата на кобилата и на малото ждребе и прашаа дали се животните под соодветна грижа. Во моментот не е познато од каде дошле животните, ниту дали имаат сопственик. Не е познато ниту како се нашла кобилата на улицата непосредно пред да се породи.

Граѓаните повикаа надлежните институции да ги проверат околностите и доколку е потребно, да преземат мерки за безбедноста и за здравјето на кобилата и на нејзиното новородено ждребе. Веднаш реагираа од Град Скопје. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, исто така споделувајќи фотографии на „Фејсбук“, истакна дека веднаш реагирале екипите на скопската Зоолошка градина и стручните лица.
– Нè затече веста за кобила што се ождребила на улица во Скопје. Раѓањето нов живот треба да биде убава вест. Но, кога се случува тоа на асфалт, во несоодветни услови и изложено на опасност, тоа е сериозен повик за одговорност. Не смееме да се навикнеме на сликите на напуштени и експлоатирани животни по скопските улици – истакна Ѓорѓиевски, кој упати благодарност со службите на Зоолошката градина во Скопје што веднаш постапиле и покажале вистинска грижа со дела.
Кобилата и ждребето се преземени и сместени на безбедно, во карантин, каде што ќе ги добијат потребните нега и стручен третман, но Ѓорѓиевски посочи дека со нивното згрижување не завршува обврската и не се решава системски проблемот.

– Затоа ги повикувам Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство итно да пристапат кон заедничка, координирана акција, секој во рамките на своите надлежности. Потребни се конкретни мерки, како заштита и соодветно згрижување на животните, одговорност за нивната експлоатација и злоупотреба. Очекувам итен одговор и конкретно постапување. Доколку изостане тоа, ќе преземеме иницијатива и ќе ги искористиме сите механизми во рамките на нашите надлежности. Нема да дозволам ова да остане само уште една вест што ќе се заборави до утре. Скопје мора да биде безбеден, уреден и хуман град во кој постапуваат институциите, а неодговорноста има последици – дециден е скопскиот градоначалник.
(С. Бл.)












