„Ѕирни фестивалот за музика и филм“, кој се одржува од 28 септември до 5 октомври, ги прогласи победниците во интернационалната и во националната официјална селекција, како и во интернационалната и во националната студентска селекција. Беа доделени и две специјални признанија, а публиката го избра својот фаворит.
Наградата за најдобар филм во интернационалната конкуренција му припадна на филмот „No Skate!“, во режија на Гил Села. Жирито го истакна искреното и тивко набљудување на секојдневниот живот, како и способноста на филмот да ги долови досадата и малите човечки моменти среде вревата на Париз. Според жирито, филмот пронаоѓа нешто интимно и длабоко човечко во едноставниот чин на забавување и набљудување.
Во националната конкуренција, наградата за најдобар филм му беше доделена на „Клупа“, во режија на Трифун Ситниковски. Жирито го пофали реалистичниот приказ на меѓугенерациските односи, во кои препознава автентичен балкански идентитет – темпераментен и експлозивен, но истовремено исполнет со вистинска љубов. Особено беше истакната хумористичната употреба и деконструкција на стереотипите.
Главната награда за најдобар интернационален студентски филм ја доби „Мајка на еден син“ (Mother of A Son), во режија на Кевин Кох. Жирито оцени дека режисерот вешто владее со кратката играна форма, поседува силен и зрел филмски израз, со кој навлегува во тешка и чувствителна тема и успешно го доловува чувството на вина и грижа на совест. Особено е издвоена извонредната фотографија, снимена на 16 мм лента, која придонесува за траурната атмосфера на филмот.
Наградата за најдобар филм во националната студентска селекција, пак, му припадна на „Борби со ветерници“.
Беа доделени и две специјални признанија. Во интернационалната конкуренција, признанието му припадна на „Nestling“, во режија на Георги Мартев, за чувствителниот начин на кој филмот ја истражува тагата низ детската перспектива. Жирито ги истакна поетскиот визуелен јазик, носталгичните пејзажи и атмосферата налик на сон, во која загубата се изразува преку слики, тишина и набљудување.
Во националната студентска селекција, специјално признание доби „Сè уште трчаме“ (Still Running), во режија на Матија Штифаниќ. Признанието е доделено за храбриот документарен поглед кон една генерација во движење и за приказот на младите луѓе, кои, километар по километар, го претвораат својот пат во порака, а сопствената издржливост во сведоштво.
Наградата за најдобар филм според публиката му припадна на студентскиот филм „Езерото“, во режија на Софија Христовска.
За наградите во студентската селекција одлучуваше жири во состав: Тамара Ристоска, актерка; Атанас Велковски, снимател и коселектор на кратката програма на ИФФК „Браќа Манаки“, и Игор Христов, режисер.
Жирито на официјалната селекција го сочинуваа: Сара Климоска, актерка; Дарко Набаков, актер, историчар на уметност и извршен директор на фестивалот за креативен документарен филм „Македокс“, и Василис Терзопулос, главен програмер на интернационалната селекција на фестивалот на краток филм „Драма“.












