Македонската метропола, Скопје, по 22. пат пулсираше во ритамот на Визер скопскиот атлетски маратон, кој годинава обедини повеќе од 15.000 учесници од 63 земји од целиот свет. Дел од нив, покрај своите спортски квалитети, ја покажаа и својата креативност со костимите во кои беа облечени додека трчаа по скопските улици.

Стартот на маратонот беше означен од министерот за спорт, Борко Ристовски, и од градоначалникот на метрополата, Орце Ѓорѓиевски, кои испратија порака дека спортот ги поврзува луѓето, ги надминува границите и создава позитивна енергија, која се пренесува низ целиот град.

– Скопскиот маратон е голем спортски настан што ги става Скопје и Македонија на светската спортска мапа. Илјадниците учесници од десетици земји испраќаат силна порака дека спортот обединува, мотивира и инспирира. Како Министерство за спорт, заедно со Владата, остануваме силен партнер на спортот и на настаните што го промовираат активниот и здрав начин на живот и ја афирмираат нашата држава. Затоа и годинава стоиме зад Скопскиот маратон и ќе продолжиме да поддржуваме настани што носат спортска енергија, ги мотивираат граѓаните да бидат активни и го промовираат Скопје пред светот – истакна министерот за спорт.

На маратонската трка од 42 километри триумфираше Кениецот Дерик Чеге Њороге. Тој ја мина патеката долга 42 километри за 2:12:56 часа, оставајќи го зад себе сонародникот Едвин Кимару Косгеи, кој доцнеше помалку од половина минута. Најдобриот македонски маратонец, Дарио Ивановски, кој победи на минатогодишниот маратон, годинава го освои третото место, што е уште еден забележителен резултат во неговата кариера. Тој си обезбеди место на победничкиот пиедестал откако успешно се вмеша во кениската доминација на скопските улици, во која претставниците на африканската земја се пласираа од првото до осмото место.

Ивановски го истрча маратонот со време 2:13:49, односно со заостанување помалку од една минута зад победникот. За обележување е и осмото место на Жан Тошев, вториот најдобар македонски учесник на маратонската трка.

Во женска конкуренција победи Долфин Кемунто Нијагака, пред сонародничките Кипкемои и Какури.

Кенијците доминираа и на полумаратонската трка, каде што победи Кенеди Роно, а најдобропласиран македонски претставник беше Муџахид Мислими, кој го освои четвртото место.

На трката на пет километри победија Андреј Арсов во машка и Ирма Хајдари во женска конкуренција.

Кај креативните луѓе на патеката се издвоија неколкумина, меѓу кои најголемо внимание привлече Христијан Проданов, кој неколку години во низа е заштитен знак за креативност на маратонот. Тој настапува секоја година преправен во познати суперхерои (од Капетан Америка до Бетмен), а овој пат го привлече вниманието облечен како Александар Македонски.

Вниманието на фоторепортерите го привлече и учесничка што трчаше со кралска круна на главата и со наметка што се вееше зад неа додека ги совладуваше километрите.

На годинашното издание на Скопскиот маратон се трчаа четири трки: маратон на 42,195 километри, полумаратон на 21 километар, трка на 5 километри и ЕУ фор спорт штафетна трка. Најбројни по земји, покрај учесниците од Македонија, беа натпреварувачите од Србија, Германија, Велика Британија и од Турција. На големиот маратон годинава трчаа 800 натпреварувачи, додека на полумаратонот учествуваа околу 3.000 тркачи. (С. Т.)

Фото: П. Стојановски

 

 

ИЗДВОЕНИ