Шестата „Генералка викенд“ постави нови рекорди – за три дена беа исчистени повеќе од 600 локации во 76 општини, а вкупното количество собран отпад од 2021 до 2026 година надмина 2,2 милиони килограми. Податоците што ги објавија организаторите на акцијата „Мен енд маунтен“, откриваат дека Македонија, годинава, покажа дека кога граѓаните ќе се обединат околу една заедничка цел, резултатите можат да бидат импресивни.
Од 8 до 10 мај, во рамките на шестото издание на „Генералка викенд“, 70.688 регистрирани волонтери од сите делови на земјата се вклучија во големата еколошка акција, со која за само три дена беа собрани 684.777 килограми отпад.
Акцијата опфати 76 општини и повеќе од 600 локации, а годинашниот резултат повторно ги надмина досегашните рекорди. Со тоа „Генералка викенд“ продолжува да се позиционира како една од најмасовните еколошки иницијативи во земјата и регионот.

Зад импозантната бројка од речиси 685 тони отпад стои и една важна порака – отпадот не е само проблем на животната средина, туку и ресурс што може правилно да се селектира и преработи.
Најголем дел од собраниот отпад годинава е мешан отпад – 395.523 килограми, додека отпадот од депонии достигна 199.629 килограми. Во акциите беа собрани и 51.867 килограми градежен отпад, 15.530 килограми друг отпад, 13.785 килограми друг габаритен отпад, како мебел, дрво и слично, 2.772 килограми електронски отпад, 2.356 килограми пластика, 2.200 килограми хартија, 624 килограми стакло и 491 килограм метал.
Собраниот отпад беше собран, измерен и обработен со поддршка на комуналните јавни претпријатија, „Саубермахер“, „Пакомак“ и „Нула отпад“.
Годинашниот резултат добива уште поголемо значење ако се погледне целата досегашна историја на кампањата. Од 2021 до 2026 година, во рамките на „Генералка викенд“ се собрани повеќе од 2,2 милиони килограми отпад, односно повеќе од 2.200 тони отпад отстранет од различни локации низ земјата благодарение на илјадници граѓани, организации, институции и компании.

Но, мисијата на „Генералка викенд“ не завршува со собирањето на отпадот. Еколошката акција има и втор, долгорочен ефект – создавање нови зелени површини. Според меморандумот меѓу „Mен енд маунтен“, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈП „Национални шуми“, за секои 10 килограми собран отпад за време на „Генералка викенд“ се предвидува засадување на едно дрво во рамките на годишните планови за пошумување, до 2031 година.
Од 2022 година досега, на овој начин веќе се засадени повеќе од 125.000 дрвја во Петровец, Велес и Старо Нагоричане. Паралелно, преку соработката со Шпаркасе банка и приватни и корпоративни донатори, досега се засадени повеќе од 15.000 дрвја во над 30 општини.
Целта за наредниот период е уште поголема – во текот на оваа година се планираат акции за пошумување во уште 11 општини, со амбиција до 2031 година да има „Сончева гора“ во сите 81 општина во земјава.
По рекордната прва половина од 2026 година, организаторите сега се подготвуваат за вториот дел од „Зелена сончева“. Следуваат акциите за пошумување „Сончева гора“, но и конкурсот „Генералка арт“, со кој еколошката порака треба да продолжи да се шири и преку уметноста.
(С. Бл.)












