Оризопроизводителите од Кочанско се жалат дека моментално откупот на килограм ориз е само 16 денари. Велат дека со ваквата цена едвај ги покриваат трошоците, а дел од нив веќе стравуваат дека в година нема да имаат пари ниту за повторно да ги засеат нивите.
На состанок со земјоделците во Горни Подлог, заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, ја оцени состојбата како сериозна и посочи дека ниската откупна цена е еден од најголемите проблеми со кои се соочува оризовото производство годинава. Според неа, разликата со претходните години е огромна. Таа потсети дека во 2021 година откупната цена достигнувала 42 денари за килограм.
Во меѓувреме, велат производителите, трошоците одат во спротивна насока. Поскапени се горивата, ѓубривата и механизацијата, а дополнителен проблем е и недостигот од сигурен откуп. Од СДСМ предлагаат државата да интервенира со дополнителни 10 денари субвенција за секој произведен и откупен килограм ориз. Предлог-законот веќе е доставен во Собранието. Каранфилова-Пановска ги повика владејачкото мнозинство и Владата да го поддржат предлогот и со ребалансот да обезбедат средства за помош.












