Претставата е сеќавање за Садако Сасаки, девојчето од Хирошима што, по трагичните последици од атомската бомба и тешката судбина, до последниот момент верувало во животот, имало надеж и станало симбол на мирот и отпорот. – Во момент кога се случуваат секакви нешта во светот, за кои се зборува и за кои не се зборува, мислам дека е исклучително важно да се занимаваме со теми што зборуваат за некои воени ужаси. Претставата зборува и за нешто што е поважно, а тоа се желбата за живот на Садако, нејзината борба и нејзиниот успех да пронајде среќа дури и во моментите кога е речиси невозможно тоа – рече хрватската режисерка Тамара Кучиновиќ, најавувајќи ја премиерата на детско-младинската претстава „Садако сака да живее“
„Садако сака да живее“, во режија и драматизација на Тамара Кучиновиќ од Хрватска, работена според мотиви од истоимениот роман на Карл Брукнер, е детско-младинска претстава што премиерно ќе биде изведена на 13 март, со почеток во 19:00 часот, во Театарот за деца и младинци во Скопје.

Претставата е сеќавање за Садако Сасаки – девојчето од Хирошима што, по трагичните последици од атомската бомба и тешката судбина, до последниот момент верувало во животот, имало надеж и станало симбол на мирот и отпорот. Во нејзината основа се наоѓа приказната за Садако и јапонската легенда дека со илјада хартиени жерави ќе ја победи смртта. Инспирирана од вистински настан, низ емотивната приказна, претставата е посветена на сите деца настрадани во војни.
– Во момент кога се случуваат секакви нешта во светот, за кои се зборува и за кои не се зборува, мислам дека е исклучително важно да се занимаваме со теми што зборуваат за некои воени ужаси. Се одлучив за овој роман исклучиво од тие причини. Романот, всушност, е на некој начин и пресликување на самиот живот на Садако Сасаки, девојче што навистина живеело во Хирошима во 1945 година, кога паднала првата атомска бомба. И зборува за нејзиниот живот, за последиците од зрачењето, односно гама-зраците и за нејзиниот крај – рече режисерката Кучиновиќ на прес-конференцијата на која беше најавена премиерата на претставата.

Но, како што додаде режисерката, претставата зборува и за нешто што е поважно, а тоа се желбата за живот на Садако, нејзината борба и нејзиниот успех да пронајде среќа дури и во моментите кога е речиси невозможно тоа.
– Така што она што се обидов со оваа претстава е токму да ги дадам таа надеж и тој момент на убавина и искреност во моментите кога е најтешко, во моментите кога сè изгледа како да нема надеж и како ништо нема да заврши добро. Од таа перспектива, мислам дека ова е исклучително важна претстава, бидејќи зборува во име на сите оние што некогаш, некаде страдале – во која било војна. И не е важно која војна е, не е важно од чија страна, туку се гледа првенствено од визурата на детето – на некое дете што само сакало да живее – истакна режисерката.
Додаде дека, во таа смисла, претставата нема време и место.
– Претставата нема временска рамка, освен што во еден момент се споменува датумот на фрлање на атомската бомба. Претставата не е градена како некој омаж на Јапонија, ниту како некој омаж на таа култура. Таа е, всушност, еден емотивен внатрешен простор, безвремен простор, гледан низ очите на братот Шигео и неговото сеќавање. И тоа може да се поврзе со која било војна, со која било смрт и во кој било момент. Нејзината форма е универзална, како што е секоја војна иста, само формата е поинаква – додаде Кучиновиќ.
Во претставата настапуваат: Анастасија Ласовска во улогата на Садако, Никола Наковски како Шигео, Ана Левајковиќ-Бошков во улогата на Мајката, Катарина Илиевска-Силјановска како Таткото, Изабела Новотни во улогата на Бабата и Марија Ѓорѓијовска во улогите Господин Војна / Госпоѓа Леукемија.

Анастасија Ласовска, која ја игра Садако, истакна дека би сакала на претставата да дојде и повозрасната публика, која направи светот да живее вака.
– Садако е само едно девојче, но постојат милион други како неа што сакаат да живеаат, но, за жал, не можат. Сакам да ги поканам во ТДМ повозрасните генерации затоа што од децата се учи најмногу – рече таа.
За Никола Наковски, кој го толкува братот на Садако, Шигео, темата на претставата е тешка и, како што рече, од актерски аскпект, кога завршува пробата, не се одвојуваш од ликот ни кога си дома.
– Станува збор за тажна вистина што се случувала, а се случува и денеска, за жал. Претставата е документарна, овие луѓе постоеле, некои се сè уште живи, како човекот чиј лик толкувам. И неговата животна борба и цел е пораката на неговата сестра, Садако, да се чуе во светот. Тој и ден-денес го прави тоа, а ние со претставата ја презедовме таа улога: да ја пренесеме пораката на нашите простори – додаде Наковски.
Креативниот тим го сочинуваат: Тамара Кучиновиќ (режија, драматизација и дизајн на светло), Давор Молнар (сценограф), Зденка Лацина-Питлик (костимограф), Кирил Василев (обликување и изработка на кукли), Ивана Ѓула и Лука Врбаниќ (музика), Драгана Лукан-Николоски (превод и драматург), Ѓуро Дракулоски (инспициент), Љубица Велкова (изработка на костими), Влатко Стефановски (мајстор на тон) и Мартин Митровски (мајстор на светло).
Претставата е наменета за децата над 11-годишна возраст. (Н. И. Т.)












