Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека САД ќе воведат царини за Канада како одговор на ширењето на чадот од шумските пожари во САД. Администрацијата на Трамп ја опишува мерката како одмазда за загадувањето на воздухот што ги погоди делови од САД, објави „Ројтерс“.
Објавата доаѓа откако густиот чад од шумските пожари во Канада стигна до големите градови во североисточниот дел на САД во последните недели. Минатата недела, чадот стигна и до главниот град Вашингтон, каде што значително го намали квалитетот на воздухот и видливоста над клучните локации како што се Капитол и споменикот на Вашингтон.
Пред два дена, американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини Канада за „намерна небрежност“ и лошо управување со шумите на неговата платформа Truth Social, велејќи дека САД се „непотребно преплавени со валкан, загаден и нездрав воздух“.
Тој, исто така, истакна дека загадувањето на воздухот принудило многу бизниси да се затворат, особено во Мичиген, вклучувајќи ги и фабриките за автомобили. Изворот на густиот чад се стотиците големи шумски пожари што беснеат во канадските провинции Онтарио и Квебек.
Воздушните струи туркаат огромни количини опасни честички над американските метрополи, поради што Чикаго, Детроит, Вашингтон и Њујорк се прогласени за градови со најлош квалитет на воздух во светот во последните денови, додека во Вашингтон е на сила виолетова тревога, што укажува на исклучително опасно загадување на воздухот.
Губа сива магла целосно ги засени Споменикот на Линколн и Споменикот на Вашингтон, а властите апелираа до стотици милиони Американци да избегнуваат престој на отворено. Канадскиот премиер Марк Карни ги отфрли обвинувањата за небрежност и рече дека шумските пожари се последица на климатските промени, за кои се одговорни сите земји, вклучително и САД.











