петок, јули 24, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Реконструкцијата на Венецуела би можела да чини речиси 50 милијарди долари

Реконструкцијата на Венецуела би можела да чини речиси 50 милијарди долари

0
epa13078958 An area affected by earthquakes is seen in La Guaira, Venezuela, 01 July 2026. EPA/Ronald Pena R

Два силни земјотреси што ја погодија Венецуела на 24 јуни предизвикаа директна материјална штета од околу 19,6 милијарди долари, додека вкупните трошоци за реконструкција би можеле да достигнат речиси 50 милијарди долари, соопшти Светската банка во прелиминарна проценка.

Земјотресите, со јачина од 7,2 и 7,5 степени според Рихтеровата скала, убија околу 5.000 луѓе, според венецуелската влада, а повредија речиси 17.000 луѓе, додека околу 18.000 луѓе останаа без покрив над главата.

Северните делови од земјата беа најтешко погодени, вклучувајќи го и главниот град Каракас, каде што беа оштетени станбени, инфраструктурни и комерцијални згради.

Светската банка вели дека ова е најсмртоносниот земјотрес во Венецуела од 1812 година, кој ја погоди земјата во време кога веќе се соочува со тешка социо-економска ситуација.

Стапката на сиромаштија надминува 76 проценти, додека околу 7,9 милиони луѓе емигрирале од земјата од 2015 година.

Потпретседателката на Светската банка за Латинска Америка и Карибите, Сузана Кордеиро Герера, изјави дека штетата од 19,6 милијарди долари претставува огромен товар за економијата и бара координиран одговор од меѓународната заедница и домашните институции.

Прелиминарната проценка се базира на модели за проценка на штетите по земјотресот, локални сеизмолошки податоци, сателитски снимки и извештаи од владини агенции и хуманитарни организации.

Проценката не ги вклучува трошоците за подобрување на градежните стандарди, отстранување на урнатините и изградба на поотпорни згради, што би можело да биде два до два и пол пати поголемо од цената за замена на уништените згради, со што вкупната сметка за реконструкција ќе се приближи до 50 милијарди долари.

Светската банка, исто така, предупреди дека проценката не ги вклучува индиректните економски загуби, вклучително и загубите на работна сила, за кои се очекува да бидат околу еден процент оваа година.

Според анализата, 47 проценти од вкупната штета е на домувањето, 27 проценти на инфраструктурата и 26 проценти на нестанбените згради.

Банката соопшти дека соработува со венецуелската влада, Меѓуамериканската банка за развој и Банката за развој на Латинска Америка (CAF) за да се развие сеопфатна проценка на трошоците за закрепнување и реконструкција.

Во извештајот се предупредува дека темпото на реконструкција ќе биде клучно за економското закрепнување на земјата, а без големи јавни и приватни инвестиции, производствениот капацитет и бруто-домашниот производ на Венецуела веројатно нема да ги достигнат нивоата пред земјотресот пред 2036 година, објави „Ројтерс“.

ИЗДВОЕНИ