Просечната потрошувачка кошничка е изготвена уште минатата година, но сè уште не може да биде усвоена поради недостиг на навремени податоци од релевантните институции. Како што изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на следната седница на Економско-социјалниот совет истата ќе биде ставена на дневен ред, а по нејзиното усвојување ќе се објавува на месечно ниво.
Тој посочи дека станува збор за просечна, а не минимална кошничка, која според пресметките е околу 13 отсто поевтина од онаа на Сојузот на синдикатите на Македонија. Дурмиши нагласи дека постојат одредени разлики во методологијата и дека дел од ставките во синдикалната пресметка се оспоруваат.
– Имаме технички проблеми со добивање навремени информации од релевантните институции. Можеме да објавиме кошничка и порано, но сакаме таа да биде реална и заснована на точни податоци, за да не создава погрешна слика и паника кај граѓаните, изјави Дурмиши.
Тој додаде дека методологијата за изработка на кошничката е завршена и дека следува состанок со Државниот завод за статистика за да се обезбеди побрз и поточен проток на податоци. Според него, моментално се користат податоци со задоцнување, што го отежнува процесот на пресметка.
Во однос на цените и инфлацијата, министерот информира дека анализите со Државниот пазарен инспекторат покажале минимално зголемување на цените на основните прехранбени производи од околу 0,4 отсто, како и намалување на бруто маржите на околу 15 отсто. Најголемо зголемување е забележано кај јајцата, маслото, сирењето и дел од хигиенските производи, додека кај овошјето и зеленчукот има намалување.
Дурмиши нагласи дека доколку се забележат поголеми отстапувања и „девијантно однесување“ кај трговците, ќе следуваат конкретни мерки, како што веќе било случај кај одредени енергенти.
Тој додаде дека Економско-социјалниот совет се издигнува на повисоко, стратешко ниво, по пример на европските практики, каде што социјалниот дијалог е клучен во креирањето на економските политики.
На седницата биле разгледани повеќе важни прашања, меѓу кои предлог-законот за младински додаток, измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, како и Оперативниот план за вработување за 2026 година, вреден околу 40 милиони евра, кој предвидува мерки за самовработување, нови работни места и обуки.
Разговарано е и за Законот за заштита од пушење и извештаите за работата на Агенцијата за вработување, со цел подобрување на пазарот на трудот и намалување на невработеноста.
(А.С.)












