вторник, август 25, 2026
Дома СВЕТ САД им објавија економска војна на Иран и на сите што работат...

САД им објавија економска војна на Иран и на сите што работат со него, Техеран веднаш порача дека ќе ја изгубат

282
EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

За иранската државна телевизија, министерот за економија, Али Маданизаде, изјави дека Иран исто така има свои алатки и знае како да ја игра таа игра, додавајќи дека во Техеран „долго време чекаат на овие планови“. Освен на Иран, Вашингтон им се закани и на државите, банките и компаниите кои продолжуваат да работат со Иран, а на прашањето дали заканата се однесува и на Кина, која купува 90 проценти од иранската нафта, американскиот министер за финансии, Скот Бесент, кусо одговори дека никој не треба да ја тестира решителноста на Вашингтон.

Иран е целосно подготвен за американски санкции и предвиде дека и овој обид на Вашингтон ќе заврши со неуспех. Иранскиот министер за економија Али Маданизаде вака одговори на новата кампања за економски притисок на Вашингтон врз Техеран, која американскиот министер за финансии, Скот Бесент, ја нарече „економски ден Д“.
– Владата е подготвена и има двегодишен план за управување со овие настани. Ние исто така имаме свои алатки и знаеме како да ја играме оваа игра, изјави Маданизаде за иранската државна телевизија, додавајќи дека во Техеран „долго време чекаат на овие планови“.
Бесент вчера ја претстави операцијата „Економски отфрлени“, како што САД ја именуваа новата кампања со која сакаат дополнително да го изолираат Иран од глобалниот финансиски систем. Според Бесент, целта е да се прекине секоја економска врска што го одржува овој режим, сè додека Техеран не остане сам. Министерството за финансии на САД ја прошири можноста за санкции врз дигитални средства, технологија, злато, авијација и поморски сообраќај, а воведе и санкции за речиси 60 компании, поединци и бродови поврзани со Иран. Вашингтон, исто така, им се закани на државите, банките и компаниите кои продолжуваат да работат со Иран. Бесент не наведе конкретен рок за прекинување на таквите врски, но рече дека САД „немаат бесконечно трпение“ и ќе дејствуваат брзо против оние што продолжуваат да му помагаат на Техеран. Тој се закани дека секоја институција што овозможува перење пари за Иран ќе биде исклучена од системот на американскиот долар и најави дека уште во текот на неделава треба да има „голема најава“ во врска со санкционирањето на една финансиска институција. На прашањето дали заканата се однесува и на Кина, која е главен купувач на иранската нафта, тој одговори дека никој не треба да ја тестира решителноста на Вашингтон.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека санкциите и притисоците не помагаат во решавањето на проблемот и дека Пекинг ќе преземе потребни мерки за заштита на своите интереси. Маданизаде, пак, посочи дека Кина и Русија не ги прифатиле новите американски мерки и очекува дека и другите земји ќе се спротивстават на нив. Техеран, исто така, се закани дека ако продолжи војната, може целосно да го запре извозот на нафта од регионот.
Новите санкции беа објавени во фаза од конфликтот во која со недели нема видлив напредок во борбата меѓу Вашингтон и Техеран. Досега не е постигнат договор за повторно отворање на Хормускиот Проток, ниту, пак, Техеран беше убеден да ја ограничи својата контроверзна нуклеарна програма, наведува „Дојче веле“.
Дејвид Оксли од „Капитал економикс“ верува дека новите санкции можеби нема драматично да ги намалат приходите од нафта на Иран, бидејќи трговијата е веќе силно ограничена, при што околу 90 проценти од извозот на нафта на Иран оди во Кина. Израелскиот експерт за Иран, Дени Цитринович смета дека иранската економија е во сериозни проблеми, „но сè уште е далеку од колапс“. Во објава на „Икс“ тој наведе дека доколку Трамп навистина мисли дека Иран е на работ на колапс и дека дополнителниот економски притисок ќе го принуди да капитулира, „тој наскоро би можел да сфати колку е ограничена таквата претпоставка“.
– Иран и натаму има капацитети да им нанесе значителни воени и економски трошоци на САД и на нивните сојузници во Заливот. Техеран јасно стави до знаење дека е подготвен „да ја ескалира ситуацијата, наместо, едноставно, да го трпи притисокот на неодредено време“, предупреди Цитринович.

 

ИЗДВОЕНИ