петок, ноември 27, 2026
Дома МАГАЗИН Социјалната мрежа „Икс“ воведува родителски контроли за профилите на тинејџерите

Социјалната мрежа „Икс“ воведува родителски контроли за профилите на тинејџерите

0
Фото:пекселс

Родителите отсега ќе можат да ја ограничат содржината до која пристапуваат тинејџерите, да го следат времето поминато онлајн и да управуваат со поставките на профилот. Социјалната мрежа „Икс“ најави воведување родителски контроли за профилите на корисници на возраст од 13 до 17 години, при што напоменуваат дека за спроведување на ваков надзор е потребна согласност од двете страни.

Новата функција им овозможува на родителите и старателите да ја ограничат содржината до која можат да пристапат тинејџерите, да го следат времето поминато онлајн и да управуваат со одредени поставки на сметката, пренесува TechCrunch.

Од „Икс“ наведуваат дека сметките за корисници на возраст од 13 до 17 години се веќе стандардно поставени во заштитен режим – со што се ограничува прикажувањето на чувствителна содржина и се исклучува таргетираното рекламирање – а овие нови родителски контроли служат како дополнителен слој на заштита.

Родителите ќе можат да следат колку време нивните деца поминуваат на платформата, да поставуваат дневни ограничувања за користење, да одобруваат нови следбеници, како и да ги ограничат препораките за содржина и видеата, ограничувајќи ги на оние од сметките што тинејџерите веќе ги следат.

Исто така, тие ќе можат да блокираат одредени зборови, да го оневозможат прикажувањето на чувствителна содржина и да одредат кој смее да им испраќа приватни пораки на нивните деца.

Важно е да се напомене дека, иако родителите можат да видат со кои профили нивното дете разменува приватни пораки, тие не можат да ја видат содржината на тие пораки. Тие нема да имаат пристап до приватните пораки на тинејџерите, до нивната историја на пребарување или до содржината што ја гледале, ниту пак ќе можат да објавуваат содржина во нивно име, пренесува „Танјуг“.

Еден родител може да надгледува до пет сметки на тинејџери, додека еден профил на тинејџер може да биде поврзана со само еден родител или старател.

Воведувањето на овие нови функции доаѓа по критиките во врска со безбедноста на платформата – особено во однос на можноста нејзиниот чет-бот со вештачка интелигенција, „Грок“, да биде злоупотребен за генерирање сексуализирани слики од жени и деца, како и поради присуството на материјали што прикажуваат сексуална злоупотреба на деца.

Што се однесува до платформата „Икс“ и нејзиното користење од страна на тинејџерите, едно истражување од 2024 година покажа дека речиси една третина од припадниците на „Генерацијата Алфа“ имаат сметка на оваа социјална мрежа.

Минималната возраст за користење на платформата е 13 години.

ИЗДВОЕНИ