EPA/SARAH YENESEL

Казахстанската тенисерка Елена Рибакина е нова шампионка на Отвореното првенство на САД. Таа по повеќе од два часа борба во финалето, ја победи бранителката на титулата Белорусинката Арина Сабаленко со 2:1 – во сетови беше 6:4, 5:7, 6:2.

Со овој триумф, Казахстанката го освои трофејот во Њујорк и истовремено првото место на ВТА листата. Сабаленка влезе во натпреварот како бранител на титулата и лидерка во светот на тенисот, но на крајот остана без двата статуса.
Фактот дека Сабаленка можеше да испише историја со освојувањето на третиот последователен трофеј на Отвореното првенство на САД, и дека дури и таков подвиг не би бил доволен за да ја зачува водечката позиција на ранг-листата, е особено интересен.

Сепак, Рибакина покажа поголема смиреност во финалето кога беше најважно. Сабаленка делуваше нервозно во одредени моменти и не успеа да го најде вистинскиот одговор на играта на својата противничка, која уште пред почетокот на финалето знаеше дека од понеделник ќе биде на врвот на ВТА листата.

EPA/SARAH YENESEL

– Кога ќе се разбудам утре, тоа ќе биде многу поинакво будење. Ќе знам дека го освоив Отвореното првенство на САД и станав број 1. Ќе биде како ослободување, бидејќи конечно постигнав две толку важни работи – истакна таа откако триумфираше во финалето. Со оглед на тоа што нема да станувам помлада, сакам да се грижам за моето здравје и добро да го одберам календарот за натпревари во иднина – рече 27-годишната Казахстанка.

Родена е во Москва, но поради проценката на локалната тениска федерација „дека нема дополнителен талент и затоа не заслужува финансиска помош“, се пресели во Казахстан во 2018 година, и затоа сега се влечат за коса во Русија. Пропуштија девојка која еден ден би можела да ја надмине Марија Шарапова, руската рекордерка со пет освоени големи трофеи.

– Гренд слем турнирите секогаш ќе бидат најважни за мене, ќе сакам да ги освојувам, кажа Рибакина по големиот успех.

Рибакина сега има осум победи против Сабаленка во 18 натпревари, а триумфира во дури три од последните големи финалиња. Таа славеше против Белорусинката во Ријад на завршниот Мастерс, потоа во Мелбурн, а сега во Њујорк.
За Рибакина ова е трет гренд – слем трофеј во кариерата. По Вимблдон и Австралија Опен, таа сега го додаде и САД Опен во својата колекција, па затоа ѝ треба само Ролан Гарос за да ги комплетира сите гренд слем титули.

ИЗДВОЕНИ