ГЕНСЕКОТ НА НАТО ВО ПРВА ОФИЦИЈАЛНА ПОСЕТА НА ЗЕМЈАВА – МАКЕДОНИЈА Е ЗНАЧАЕН СОЈУЗНИК
НАТО Алијансата нема да дозволи создавање безбедносен вакуум во регионот, особено во време на засилени геополитички тензии поради конфликтите на Блискиот Исток и војната во Украина, порача генералниот секретар на НАТО, Марк Руте на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Руте истакна дека НАТО останува цврсто посветен на заштитата на секоја земја-членка и на одржувањето на стабилноста на Западен Балкан.
-Нашата посветеност кон регионалната стабилност е јасна, нема да дозволиме да се појави безбедносен вакуум. НАТО е посветен кон заштита на сите свои сојузници од каде и да доаѓаат предизвиците. Знам дека можеме да сметаме на Северна Македонија да го одигра својот дел, изјави Руте на заедничката прес-конференција со претседателката Сиљановска-Давкова.
Тој ја пофали Македонија како сигурен и кредибилен сојузник, нагласувајќи дека земјата има значајна улога во регионалната безбедност и во заедничките напори на Алијансата.
-Северна Македонија дава повеќе од 2 проценти за одбраната од својот БДП, ова е огромен напредок и земјата дава свои заложби за да се постигне до 5 проценти како што беше ветено. Сакам да ја поздравам поддршката на Северна Македонија за Украина. Мораме да соработуваме за да ја сочуваме нашата безбедност. Северна Македонија игра значајна улога во зачувување на безбедноста на Западен Балкан, рече Руте.
Иран – извозник на нестабилност
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на ситуацијата на Блискиот Исток, Руте истакна дека НАТО Алијансата не е вклучена во нападите, но посочи дека Иран развива капацитети за напаѓачки проектили што претставуваат ризик за Европа и со децении е извор на ескалации и нестабилност.
-Иран со децении предизвикува хаос преку терористички напади, обиди за атентат. Можам да ви кажам од моето лично искуство многу лица се под опасност од иранскиот режим. НАТО не е вклучено во нападите врз Иран, но ве уверувам дека ќе го одбраниме секој дел од територијата на НАТО. Сите сме во подобра ситуација што врховниот лидер на Иран не е тука и што во моментов се намалени нуклеарните капацитети на Иран, рече Руте.
Членството во ЕУ – инвестиција во мир

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, истакна дека посетата на Руте, која доаѓа во време на геополитичка неизвесност и глобални тензии, војна на европско тло, како и сериозни безбедносни предизвици на Блискиот Исток, е потврда за важноста на сојузничката солидарност и заедничка одговорност на алијансата. Таа истакна дека му пренела на Руте оти најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е неговата итна и целосна интеграција во ЕУ.
-Најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан и за трајна отпорност на влијание од трети сили, тоа му го пренесов и на генералниот секретар, е неговата итна и целосна политичка интеграција во ЕУ. Очекувам на претстојниот Самит на НАТО во 2026 година во Анкара, особено внимание да биде посветено на безбедносната состојба на Западен Балкан, со оглед на актуелните настани и предизвици. Укажувам дека мора да ставиме крај на вештачките причини и на причините од историски и идентитетски карактер за оневозможување на регионалното членство во ЕУ и да се концентрираме на Копенхашките критериуми. Одговорно тврдам дека најголемата инвестиција и гаранција, не само за нашата безбедност, туку и за безбедноста на Европа во целина е нашето членство и членството на Западен Балкан во Европската Унија, рече Сиљановска-Давкова.
Таа истакна дека НАТО не е само воен сојуз, туку заедница на споделена одговорност, но и најважно – на заедничка визија и ние продолжуваме да бидеме одговорна членка на Алијансата. Претседателката посочи и дека изминатиот викенд го свикала Советот за безбедност, бидејќи околностите бараат будност.
Македонија е одоговорна членка на сојузот
– Во овој момент, затоа е господинот Руте тука и му посакувам и верувам дека тоа може да го направи, неопходно е во рамките на НАТО Алијансата да се надминуваат разликите или да се усогласуваат разликите за да се обезбеди кохезија врз основа на заедничките вредности и принципи врз кои е втемелено НАТО. Токму заради тоа, повторувам, улогата на генералниот секретар е особено важна. Јас цврсто верувам дека НАТО не е само воен сојуз, туку дека е и заедница на споделени вредности, на споделена одговорност, но и што е најважно, на заедничка визија за безбедна иднина и ние продолжуваме да бидеме одговорна членка на НАТО сојузот. Како кредибилен сојузник, ние го спроведуваме Планот за инвестиции во одбраната, вклучително и заклучокот од самитот во Хаг за издвојување одреден процент од БДП за одбрана до 2035 година. Исто така, ги исполнуваме и Целите за способностите. Ние го исполнивме условот од самитот во Велс од 2% од БДП за одбрана и од нив над 30% се наменети за опрема и модернизација и модернизацијата продолжува. Активно придонесуваме кон одвраќањето на опасностите и кон заштитата на одбранбената позиција на НАТО преку борбените групи во Латвија, во Бугарија, во Романија, мисијата на КФОР во Косово, мисијата на ЕУ – АЛТЕА во Босна и Херцеговина и мислам дека тоа успешно го правиме. Со тоа јасно демонстрираме дека безбедноста е заедничка одговорност. Во однос на Украина, ќе продолжиме со поддршката, со верба за можен договор за праведен и траен мир, рече македонската претседателка.
Руте со највисоки државни и воени почести беше пречекан во Вила Водно од неговата домаќинка, претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Веднаш по церемонијата, Сиљановска-Давкова и Руте заминаа на тет-а-тет средба, по што беше одржан и пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска беше во својата прва официјална посета на земјава, како генсек на Алијансата. Министерот за одбрана Владо Мисајловски го пречека на скопскиот аеродром, од каде Руте со својата делегација се упати кон Вилата „Водно“, на средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
-Чест ми е да му посакам добредојде на Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Во време на сериозни безбедносни предизвици од особено значење е заеднички да придонесуваме за безбедноста, мирот и стабилноста, напиша Мисајловски во објава на Фејсбук.
На агендата на Руте во Скопје беа средби и со премиерот Христијан Мицкоски и со собранискиот спикер Африм Гаши, а имаше обраќање и пред пратениците во Собранието.
-Денеска остварив средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Во духот на сојузништвото и заедничките вредности, разговаравме за актуелните безбедносни предизвици, улогата на Алијансата во зачувувањето на стабилноста и мирот, како и за придонесот на нашата држава во рамките на колективната одбрана. Ја реафирмирав нашата цврста определба за понатамошно јакнење на соработката со НАТО и активен придонес кон регионалната и глобалната безбедност. Средбата претставува потврда за силното партнерство и заемната доверба, како и за нашата решеност да продолжиме да делуваме како кредибилен и одговорен сојузник во рамките на НАТО, напиша премиерот на социјалните мрежи.
Генсекот на НАТО оствари посета и на македонската Армија во касарната „Илинден“ во Скопје, во чии рамки беше предвидено негово обраќање, презентација на лесна пешадиска баталјонска група и обиколка на дел од опремата која е во состав на оваа единица. (В.С.Н.)












