четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА „Железници – Транспорт“ го доби спорот тежок 24,7 милиони евра со хрватска...

„Железници – Транспорт“ го доби спорот тежок 24,7 милиони евра со хрватска компанија

165

Државната компанија „ЖРСМ – Транспорт“ го доби судскиот спор со хрватската фирма ЦЕ-ЗА-Р Центар за рециклажа д.о.о. Загреб, со што е избегната потенцијална финансиска обврска од 24,7 милиони евра. Ова го соопшти директорот на компанијата, Дејан Кошутиќ.

Во изминатиот период, во јавноста се пишуваше дека хрватската компанија побарува милионски износ од железничкиот оператор, повикувајќи се на наводни договорни обврски од минатото. Според тогашните информации, стануваше збор за побарување во вредност од 24,7 милиони евра, што претставуваше сериозен ризик за и онака тешката финансиска состојба на претпријатието.

Случајот беше оценет како еден од клучните правни спорови со кои се соочува компанијата, особено во услови кога се најавуваше процес на финансиска консолидација и стабилизација.

Според изјавата на Кошутиќ, Судот утврдил дека не постои правна основа за побарувањето на хрватската компанија, како и дека е застарено тоа.

– „ЖРСМ – Транспорт“ го доби судскиот спор со ЦЕ-ЗА-Р Центар за рециклажа д.о.о. Загреб, со што се избегна потенцијална обврска од 24,7 милиони евра. Судот утврди дека не постои правна основа за побарувањето и дека е застарено тоа – изјави Кошутиќ.

Тој посочи дека ова претставува значајно олеснување за компанијата во период кога е започнат процес на стабилизација, преку усвоениот акциски план.

– Продолжуваме со фокус на одговорното управување, подобрувањето на оперативната состојба и на враќањето на довербата во системот. Наша обврска е да го штитиме јавниот интерес и да носиме одлуки што ја стабилизираат компанијата на долг рок – нагласи директорот на „ЖРСМ – Транспорт“.

Од компанијата најавуваат дека и во наредниот период приоритет ќе бидат финансиската дисциплина, рационализацијата на трошоците и зајакнувањето на управувачките механизми, со цел долгорочна стабилност на железничкиот товарен сообраќај.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ