вторник, октомври 6, 2026
Дома СВЕТ Русија негира дека има чума, Стејт департментот бара транспарентност, а СЗО смирува...

Русија негира дека има чума, Стејт департментот бара транспарентност, а СЗО смирува – ризикот за јавното здравје е мал

1

Руските здравствени власти тврдат дека смртта на 28- годишната лаборантка во Сибир не е резултат на предизвикувач на чума, а американскиот Стејт департмент соопшти дека го следи случајот и повика на транспарентност. Светската здравствена организација (СЗО), пак, соопшти дека го оценува ризикот по јавното здравје во Русија како низок.

Новинската агенција „Интерфакс“ објави во понеделникот дека вработената во институт специјализиран за надзор на болести поврзани со чумата починала од „пневмонија од непознато потекло“, според руската агенција за контрола на болести „Роспотребнадзор“. Во примероците земени од неа не се откриени микроорганизми „поврзани со нејзините професионални активности“. Таа почина минатиот петок, во окружната болница во градот Шелехов, во близина на Иркутск во Сибир.

Американскиот Стејт департмент соопшти дека го следи случајот со своите центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) и со други агенции.

– Многу детали не се потврдени. Ги повикуваме руските власти брзо и отворено да споделат точни информации – изјави портпаролот на Стејт департментот.

„Роспотребнадзор“ наведува дека истрагата покажала дека немало лабораториска несреќа во институтот во Иркутск. Претходно имаше непотврдени извештаи дека, можеби, се заразила жената со пневмонична чума откако случајно испуштила епрувета.

– Здравствената и епидемиолошката состојба во регионот Иркутск, како и во градовите Иркутск и Шелехово, е стабилна – соопшти службата, додавајќи дека се спроведуваат „пакет мерки“ таму.

Каналот „Бајкал пипл телеграм“ објави дека три општи болници, детска болница и породилиште во Иркутск се ставени во карантин најмалку три недели. Според локалните извештаи, персоналот на институтот бил во карантин на своите работни места. Според каналот, не се регистрирани нови инфекции, соопшти агенцијата.

Пневмониската чума е тешка форма на болеста предизвикана од бактеријата Yersinia pestis. Може да се развие со проширување на белите дробови, но може да се излекува со антибиотици ако рано се почне со третманот. Според Институтот „Роберт Кох“, национална здравствена агенција на Германија, чумата продолжува да се јавува во делови од Африка, Америка и од Азија, но не и во Германија, а ризикот од влегување заразено лице во земјата е мал.

ИЗДВОЕНИ