На почетокот на следната година, Европската комисија ќе започне разговори со секој од партнерите од Западен Балкан – за тоа до кои делови од Единствениот пазар на Европската унија би можеле да добијат пристап уште пред полноправното членство. Ова вечерва во Брисел го соопшти претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, по завршувањето на самитот ЕУ – Западен Балкан.
„Не мораме да чекаме до пристапувањето за да ги приближиме нашите луѓе и економии“, изјави Фон дер Лајен, објаснувајќи дека ЕУ постепено отвора одредени сектори од својот пазар како што регионалните партнери спроведуваат реформи, со што се гарантира дека деловните субјекти ќе можат да работат во услови на еднакви можности.
Во однос на Планот за раст за Западен Балкан, таа истакна дека пред една година партнерите имале реализирано 38 отсто од реформските чекори за кои истекол рокот, додека сега таа бројка е зголемена на 63 отсто.
„Постигнатиот напредок би можел, во текот на наредните недели, да овозможи исплата на дополнителни 338 милиони евра за Албанија, Црна Гора и Северна Македонија“, најави Фон дер Лајен.
Како пример за придобивките што граѓаните можат да ги почувствуваат уште пред пристапувањето, таа го наведе вклучувањето на четири регионални партнери во Единствената област за плаќања во евра (SEPA), што овозможува побрзи и поевтини трансфери на пари. Таа исто така потсети дека минатиот месец ЕУ започна преговори со Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово за користење на услугите за мобилен роаминг по цени што важат во домашниот сообраќај.
Таа оцени дека Црна Гора е блиску до завршување на преговорите за пристапување, додека Албанија бележи брз напредок кон истата цел. Претходно овој месец, Комисијата претстави патокази за двете земји, во кои се утврдени приоритетите за следната фаза од преговорите. Истовремено, како што наведе таа, беше разгледано и влијанието што проширувањето би го имало врз институциите, политиките и буџетот на самата Унија.
Фон дер Лајен ја нагласи и важноста на соработката во рамките на Западен Балкан. Таа посочи дека трговијата во регионот значително е зголемена, дека професионалните квалификации сè повеќе се признаваат преку границите, а „зелените коридори“ го забрзуваат транспортот на стоки. „На крајот, успехот на проширувањето ќе се мери според промените што тоа ги носи во животите на луѓето“, рече Фон дер Лајен, истакнувајќи ги поголемите можности за младите, проширените перспективи за бизнисите да растат и да тргуваат преку границите, како и зголемената доверба во иднината.












