
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, го обвини Израел за лицемерие во врска со тврдењата дека Иран развива хемиско оружје, наведувајќи дека израелската политика е таква што „секое обвинување може да се смета за признание“.
Тој ги отфрли тврдењата дека Иран крие хемиско оружје во фабрики за лекови, нагласувајќи дека вистинската цел на ваквите обвинувања е да ги вовлечат Соединетите Држави во уште една војна, во корист на Израел.
Како што пренесува „Танјуг“, иранскиот министер за надворешни работи одговори на обвинувањата што доаѓаат од Тел Авив преку социјалната мрежа „Икс“.
„Режим, вооружен до заби со оружје за масовно уништување, го обвинува Иран за развој на хемиско оружје. Но, како што целиот свет веќе сфати, кога станува збор за Израел, секое обвинување е признание“, напиша Аракчи.
Аракчи истакна дека Израел нема пристапено кон ниту една меѓународна конвенција што забранува нуклеарно, хемиско или биолошко оружје, и тврди дека оваа држава поседува стотици нуклеарни боеви глави.
Тој понатаму го обвини Израел дека нападнал седум земји во регионот и дека окупира територии во три држави. Додаде дека, во текот на изминатата година, Израел ги вовлекол Соединетите Држави во две – како што ги опиша тој – неуспешни војни против Иран.
Иранскиот министер ги отфрли наводите дека Техеран развива и крие хемиско оружје во фабрики за лекови. Тој посочи дека Иран е потписник на Договорот за неширење на нуклеарното оружје (НПТ) и членка на Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОЗХО).
Исто така, нагласи дека Иран во минатото бил жртва на хемиско оружје, кое Западна Германија му го испорачала на режимот на Садам Хусеин.
Според него, крајната намера зад ваквите обвинувања е да се измамат Соединетите Држави и да се вовлечат во нов конфликт во корист на Израел – сценарио кое, како што предупреди тој, директно би ги загрозило и иранските пациенти.











