Саудиска Арабија денес потврди дека биле нападнати два нејзини аеродрома и дека три лица се здобиле со полесни повреди.
Ријад ги потврди нападите неколку часа откако јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран, објавија дека истрелале ракети и лансирале беспилотни летала кон Саудиска Арабија.
Саудиската Генерална управа за цивилно воздухопловство соопшти дека вчера биле погодени аеродромите во градовите Наџран и Џизан и дека на двата била причинета штета.
Во соопштението не беше наведено кој е одговорен за нападите, но тоа уследи по објавата на Хутите дека во понеделникот извршиле напади врз саудиски нафтени постројки, аеродроми и воени бази.
Бригадниот генерал на Хутите, Јахја Сари, денес изјави дека бунтовниците целеле и трет аеродром со цел да го попречат воздушниот сообраќај кон Саудиска Арабија.
Агенцијата „Асошиејтед прес“ не можеше да потврди дали Хутите го погодиле меѓународниот аеродром „Абха“ во југозападна Саудиска Арабија; саудиските власти не дадоа коментар во врска со наводниот напад.
Саудиска Арабија и меѓународно признатата влада на Јемен започнаа воена кампања за враќање на територијата контролирана од Хутите во близина на јужниот влез во Црвеното Море, со цел да се спречат пречки во испораката на нафта од регионот кон остатокот од светот, пренесе „Бета“.












