Лет на американската авиокомпанија American Airlines од Сан Диего кон Чикаго бил пренасочен кон Феникс по физички инцидент во авионот, откако еден патник влегол во конфликт со членовите на кабинскиот екипаж, а потоа се обидел да ја отвори излезната врата.
Инцидентот се случил на летот 1494, а видеоснимка од настанот прикажува маж како се пресметува со членовите на екипажот, пренесува ABC7.
Според сведочењето на еден од патниците, Шон Бенет, останатите патници веднаш реагирале и ѝ помогнале на екипажот да го совладаат мажот.
An American Airlines flight from San Diego to Chicago was forced to make an emergency landing after there was an apparent altercation on board. Video shows a man struggling with flight attendants and passengers. https://t.co/zm223pYrbY pic.twitter.com/dEGdFxKCrL
— ABC7 Eyewitness News (@ABC7) November 25, 2026
„Неверојатно беше колку брзо сите реагираа за да го совладаат човекот. Стјуардесите и стјуардите останаа исклучително присебни и смирени“, изјавил Бенет.
Од полициската управа во Феникс соопштиле дека мажот го напуштил своето седиште и се упатил кон предниот дел на авионот. Тој одбивал да ги следи инструкциите на екипажот да се врати на своето место, по што се обидел да ја отвори излезната врата.
Членовите на екипажот и патниците успеале да го задржат до безбедното слетување на меѓународниот аеродром Феникс Скај Харбор.
Мажот се здобил со полесни повреди и бил пренесен во болница на преглед. Во инцидентот, според сведочењето на патниците, никој од останатите патници не бил повреден.
За случајот бил известен и ФБИ, кој ќе ги разгледа полициските извештаи, додека истрагата е во тек.
Федералната управа за цивилно воздухопловство (FAA) потврдила дека летот 1494 слетал во Феникс во средата, околу еден часот по полноќ по локално време, по пријава за нарушување на редот во авионот. И оваа институција најавила сопствена истрага.
Од American Airlines соопштиле дека авионот бил пренасочен поради проблематичен патник. По слетувањето, полицијата ги презела потребните мерки и помогнала при неговото изнесување од авионот, по што летот продолжил кон Чикаго со доцнење.












