Државната статистика покажува дека во 2025 година се завршени 3.733 стана со вкупна површина од над 280 илјади квадратни метри. Во исто време, на пазарот има сè повеќе новоградби, но дел од становите остануваат празни и непродадени. Деловните субјекти лани извршиле градежни работи вредни 44,5 милијарди денари, односно околу 724 милиони евра. Се градат нови згради, се вртат милиони, но останува прашањето кој и за кого ги купува сите тие станови
Градењето станови е доходовен бизнис и за инвеститорите, но и за купувачите. За првите, бидејќи нивниот производ (во случајов стан) веднаш ќе се продаде, а за вторите, бидејќи паметно го вложиле својот капитал.
Дека е тоа така, доволно е навечер да се фрли поглед кон елитните населби во Центар и на Водно и да се забележи дека се вклучени светилките во едвај неколку стана во изградена и вселена зграда, што кажува дека во тие станови не живеат ни сопствениците, а нема ни кираџии.
Според податоците од пописот во 2021 година, над 307 илјади стана во Македонија немаат станари, а од нив околу 60 илјади се во Скопје, кои зјаат празни и неискористени. Од агенциите за недвижности нагласуваат дека е забележливо дека добро ситуирани граѓани купуваат и по неколку стана, иако немаат потреба да ги издаваат.
– Инфлацијата си го прави своето. Веројатно, мислат дека е подобро да се вложат пари во недвижности, меѓутоа не секој од нив ги изнајмува – велат од една агенција.
Статистиката покажува дека иако има голем број непродадени станови на пазарот на недвижности, сепак, растат одобренијата за градба, а тоа значи нови станбени квадрати што почнале или допрва ќе се градат. Од 2020 до 2025 година, издадени се одобренија за градба на 49.884 стана, од кои во 2020 година 6.210, во 2021 година 11.946, во 2022 година 7.002, во 2023 година 7.865, во 2024 година 8.367 и во 2025 година 8.494 стана. За повеќе од половина или за 22.878 стана се издадени одобренија за градење во Скопскиот Регион.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2025 година биле завршени 2.518 стана, наспроти 2.512 во 2024 година. Вредноста на извршените градежни работи изнесувала 16,2 милијарди денари. Просекот на корисна површина на становите кај индивидуалните сопственици во 2025 година изнесувал 127,3 квадратни метри, а кај компаниите 75,2 квадратни метри. Тоа е разлика од 52,1 квадрат од стан во корист на становите градени од индивидуалните сопственици.
Во 2025 година, градежните компании и индивидуалните сопственици извршиле градежни работи во вредност од речиси 988 милиони евра во изградба на станови. Индивидуалните сопственици градат поголеми станови, а компаниите многу помали. Лани, индивидуалните сопственици извршиле градежни работи во вредност од околу 264 милиони евра. Тие граделе вкупно 2.113 објекти во кои завршиле со изградба на вкупно 2.518 стана со вкупна површина од 320.404 квадратни метри, од кои 92 се станови во викенд-куќи, со вкупна површина од 11.114 квадрати. Просечната корисна површина на завршените станови е 127,3 квадратни метри.
По региони, во 2025 година најмногу индивидуални сопственици граделе во Полошкиот Регион, каде што се изградени 946 стана и 20 викенд-куќи, потоа во Скопскиот со 721 изграден стан и 7 викенд-куќи и Југозападниот со 342 стана и 50 викенд-куќи.
Според Државниот завод за статистика, во 2025 година деловните субјекти извршиле градежни работи во вредност од 44,5 милијарди денари, односно околу 724 милиони евра. Во текот на годината се градени 1.852 објекти, а се завршени 3.733 стана со вкупна корисна површина од 280.644 квадратни метри. Од нив, 3.677 стана се во индивидуална сопственост, додека просечната корисна површина на еден стан изнесува 75,2 квадратни метри.
(С. Бл.)












