Филмот „Дигер“, во кој Том Круз ја толкува улогата на моќен нафтен тајкун соочен со еколошка катастрофа од огромни размери, доживеа тежок неуспех на кино-благајните.
За време на премиерниот викенд, прикажуван во 3.321 кино низ Северна Америка, филмот заработи само 8 милиони долари, а аналитичарите од индустријата очекуваат конечната бројка – откако ќе се вклучат и резултатите од понеделникот – да биде поблиску до 7,5 милиони долари.
Со буџет од 160 до 180 милиони долари, „Дигер“ е на пат да стане еден од најголемите финансиски неуспеси на годината, а можеби и еден од најголемите на сите времиња, објави „Ју-ес-еј-тудеј“.
Од студиото „Варнер Брос“ очекуваа дека комбинацијата од Том Круз – една од најголемите светски филмски ѕвезди – и режисерот Алехандро Гонзалес Ињариту (чии филмови „Човек-прица“ и „Повратник“постигнаа огромен успех и кај критиката и кај публиката) ќе донесе почетна заработка од најмалку 18 до 20 милиони долари.
Дури и таков резултат би претставувал финансиска катастрофа за сатиричен филм со голем буџет; експертите за кино-заработка проценија дека на филмот му е потребен старт од околу 40 милиони долари за да ги оправда трошоците.
Сепак, прогнозите постојано се намалуваа по бранот негативни реакции. Сатирата, која доби ознака „R“ (ограничено прикажување поради содржината), заврши на петтото место, заостанувајќи зад уште еден нов филм – психолошкиот трилер „Верити“ со Ен Хатавеј и Дакота Џонсон во главните улоги – како и зад три филма што се прикажуваа и претходно, меѓу кои „Притаено зло“ и „Срцето на ѕверот“.
„За црна комедија, резултатот не е лош. Но, црните комедии се мали филмови, а овој не е мал филм. Ова е филм со Том Круз“, изјави аналитичарот Дејвид А. Грос од компанијата „Franchise Re“.
Реакциите на критичарите и публиката за „Дигер“ беа толку негативни што „Warner Bros.“ се обиде да ги искористи лошите критики во својата маркетинг-кампања. Во една неодамнешна реклама, студиото ја повика публиката „сама да одлучи“, откако критичарите го опишаа филмот како „непријатен“ и „збунувачки“. Во една друга анализа се сугерираше дека филмот „Дигер“ едноставно не успеал да ја привлече американската публика.
Сепак, филмот помина подеднакво лошо и на меѓународните пазари. Оствари заработка од само 12 милиони долари во 73 земји, со што вкупната глобална заработка во првиот викенд од прикажувањето достигна 20 милиони долари.
Уште од самиот почеток, „Дигер“ претставуваше голем ризик како редок, високобуџетен и оригинален филм – комедија со ознака „R“ (за возрасни) и со голема ѕвезда во главната улога. Студиото „Ворнер Брос“ првично одобри буџет од 125 милиони долари, но трошоците за продукција пораснаа поради продолженото снимање. Студиото потроши дополнителни 100 милиони долари за глобален маркетинг, со што прагот на рентабилност на филмот достигна околу 350 милиони долари на светско ниво, според проценките на раководители запознаени со слични проекти. Портпаролот на „Ворнер Брос“ ја оспори таа проценка, наведувајќи дека на филмот му се потребни 300 милиони долари за да ги покрие трошоците.
Како и да е, „Дигер“ би можел да донесе загуба од најмалку 150 до 200 милиони долари за време на прикажувањето во кината. Кината задржуваат приближно половина од приходите од билетите, додека студиото се соочува со уште потежок пат до профитабилност бидејќи Круз има договор што му овозможува процент од заработката уште од првиот заработен долар – што значи дека тој добива исплата пред студиото да ги покрие своите трошоци.
Со тоа, „Дигер“ ја продолжува лошата година за „Ворнер Брос“, кој веќе претрпе неуспеси со филмовите „Невеста“ и „Супер девојка“. Тајмингот е особено неповолен, бидејќи преземањето на „Ворнер Брос“ од страна на „Парамаунт“ (Paramount) треба да заврши следната недела.
Во меѓувреме, малкумина во Холивуд минатата година очекуваа дека „Верити“ ќе го надмине „Дигер“ на американските кино-благајни. Филмската адаптација на бестселерот на Колин Хувер, продуцирана од „Амазон МГМ“ (Amazon MGM), го зазеде првото место со заработка од 32,6 милиони долари во 3.510 кина.
Ова е трет филм на Ен Хатавеј што дебитира на првото место во 2026 година, по блокбастерите „Ѓаволот носи „Прада“ 2“ „Одисеја“, Хатавеј, која е во доцната фаза од бременоста, неодамна се пошегува дека ќе се повлече од јавноста до крајот на годината. „Verity“ заработи дополнителни 30 милиони долари на меѓународниот пазар, со што вкупната глобална заработка достигна 62,5 милиони долари.
Филмот е во режија на Мајкл Шоволтер – познат по „Болест од љубов“ – и ја следи приказната за познатата авторка Верити Крофорд, која ја толкува Хатавеј. Откако таа доживува тешка сообраќајна несреќа, нејзиниот сопруг (го игра Џош Хартнет) ангажира писателка која се соочува со кариерни предизвици (ја игра Џонсон) за да ги доврши преостанатите книги од еден популарен серијал.
Критиките и реакциите на публиката беа слаби. Филмот доби оценка „C+“ на CinemaScore и рејтинг од само 34 проценти на Rotten Tomatoes. Сепак, „Верити“ е снимен со буџет од 40 милиони долари и се очекува да оствари профит за „Амазаон МГМ“.
„Ова е одличен старт. Реакциите не му штетат на филмот. Публиката доаѓа во голем број“, изјави Грос.












