недела, октомври 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Средба во Софија ќе има, ама ќе има ли пробив за Македонија?!

Средба во Софија ќе има, ама ќе има ли пробив за Македонија?!

1

Фон дер Лајен ни ја покажа европската, па нè прати на бугарска врата

Посетата на Македонија од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изроди нова средба меѓу македонската и бугарската дипломатија на маргините на министерскиот состанок за Коридорот 8 оваа недела. Желбите се разговорите да отворат простор за деблокирање на европскиот пат на земјава, но политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, вели дека не очекува суштинско поместување. Според него, Софија останува на своите барања, а од Брисел повторно стигнува пораката дека клуч за напредокот е исполнувањето на преземените обврски. Во меѓувреме, премиерот Мицкоски вели дека средбата со Фон дер Лајен била корисна, но не е задоволен од нејзината порака за уставните измени

 

Нова средба со Бугарија е на повидок, но големи очекувања за пробив во спорот засега нема. Додека Владата најавува разговори и нов обид за деблокирање на европскиот пат, политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека нема отстапување од бугарските барања и дека пораките од Брисел и натаму се сведуваат на истото: Македонија да ги исполни условите за да продолжи кон Европската Унија.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, вели дека е добро што повторно ќе има разговори со бугарската страна, но не очекува некаков конкретен напредок. Според него, Бугарија и натаму цврсто стои на своите барања и не покажува простор за отстапки. Тој смета и дека посетата на Урсула фон дер Лајен не донела ништо суштински ново, бидејќи со години се повторуваат истите пораки: Македонија да ги прифати поставените услови за да продолжи европскиот пат.

– Реално е добро што ќе се разговара, ама напредок не очекувам, нивните барања се фиксни и нема да отстапат од тоа. Посетата на Фон дер Лајен не донесе ама баш ништо, стандардно исто, со години што се повторува, мораме да ги прифатиме условите и тоа е. Истите пораки само со различни зборови – вели Пекевски.

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија потврдија дека е побарана средба меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова-Чамова, која би се одржала неделава, на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8.

Во однос на најавената билатерална средба со бугарската страна, на новинарско прашање дали има повратна информација и што очекува од средбата, како и што би се случило доколку биде одбиена таа, премиерот Христијан Мицкоски рече дека во таков случај „уште еднаш ќе се потврдат сите оние тези што ги имаме ние и за што сме загрижени“, но додаде дека не го очекува тоа.

– Не очекувам, не би било паметно да одбијат, но во ред, тоа е нивна суверена одлука, не е тоа наша одлука. Јас добив, би рекол, конструктивен совет од страна на претседателката, да го замолам министерот за надворешни работи и надворешна трговија да побара средба на маргините на состанокот по повод Коридорот 8. Јас го сторив тоа, бидејќи ценам дека претседателката апсолутно беше во право кога го предложи тоа. Министерот побара, сега останува на нашиот источен сосед да одлучи што понатаму – истакна Мицкоски.

Претходно, на заедничката прес-конференција во Скопје со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, одговарајќи на новинарско прашање како го прифатила таа неговиот предлог ЕУ да се вклучи во разговорите на Македонија со Бугарија, рече дека го советувала како прв чекор да се побара официјална билатерална средба во текот на посетата на Муцунски на Софија и тој го побарал тоа од шефот на македонската дипломатија.

Мицкоски оцени дека средбата со претседателката на Европската комисија била исклучително пријателска, корисна и содржајна, нагласувајќи дека таа, можеби, ќе биде клучна за некои процеси во иднина, иако, како што рече, не е задоволен од пораките во однос на уставните измени.

– Би ја оценил средбата како исклучително пријателска, корисна, содржајна и ценам дека, можеби, и ќе биде клучна за некои процеси во иднина. Очекувам тие процеси да почнат веќе следната недела, откако Министерството за надворешни работи и надворешна трговија достави барање до колегите од нашиот источен сосед за билатерална средба. Од друга страна, не можам да кажам дека сум задоволен од пораките што ги испрати претседателката. Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот, работа што е прифатена од претходната Влада – рече Мицкоски и додаде дека постепената или градуална интеграција е, исто така, шанса за нас.

Тој најави дека за идниот месец двапати има закажано патување во Брисел, првиот кај еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, а вториот е на регионалниот самит меѓу Европската Унија и Западен Балкан.

Од опозицискиот СДСМ, пак, вчера оценија дека претседателката на ЕК уште еднаш потврдила дека е зачуван македонскиот идентитет, а премиерот Мицкоски го обвинија дека бил незадоволен затоа што му ја одзеле лагата.

– Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, потврди дека македонскиот идентитет и македонски јазик се заштитени и сочувани. В лице на Мицкоски и пред целата јавноста кажа: „Ве чекаме во Европа со вашите идентитет и јазик, веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик може да ја направат нашата Унија побогата“. А, Мицкоски вели дека не е задоволен од пораките на Фон дер Лајен. Незадоволен е затоа што му ја одзедоа лагата. Нема повеќе лаги дека нешто чува тој, затоа што претходната Влада веќе го зачува македонскиот идентитет – изјави на прес-конференција Маја Борозан од СДСМ.

При посетата на земјава во петокот, во рамките на својата турнеја по земјите од Западен Балкан, Фон дер Лајен порача дека веднаш штом ќе се деблокира ситуацијата со Бугарија, Македонија ќе може да добие патоказ и брзо да се движи напред кон Европската Унија, затоа што земјава веќе интензивно работи на неопходните реформи. Фон дер Лајен рече дека во овој момент патокази добиваат оние држави што веќе се длабоко навлезени во пристапниот процес и отвораат и затвораат поглавја. Таа најави дека се договориле со македонскиот премиер неделава да се направи прв нов чекор во обид за деблокирање на процесот. Ја пофали Македонија за постигнатиот успех со Планот за раст и најави дека ќе следуваат и дополнителни исплати во претстојните недели. Таа рече дека нашата земја ги почнала пристапните преговори во 2022 година и дека сега останува да се направи клучниот чекор и порача дека ЕУ ќе ја прими земјава со своите идентитет, јазик и култура. (В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ