Македонија и Обединетото Кралство се движат кон стапување во сила на нов билатерален договор за воздушен сообраќај, кој треба да ја замени правната рамка од 1999 година и да отвори полиберални услови за авионскиот сообраќај меѓу двете земји, објави порталот „Ексјуaвиејшн“. Договорот е потпишан во Лондон, на 22 октомври 2025 година, а неговата содржина неодамна беше објавена од британската Влада пред неговото усвојување во Парламентот. Новиот договор сè уште не е стапен во сила, а тоа ќе се случи откако двете земји ќе ги завршат своите уставни процедури и ќе ја потврдат неговата примена преку размена на дипломатски ноти.

Со новиот документ се предвидува значително полиберална оперативна средина. Македонија и Обединетото Кралство ќе можат да назначат една или повеќе авиокомпании за реализација на договорениот сообраќај, а превозниците ќе имаат поголема слобода сами да го определуваат бројот на летови, капацитетот и типот на воздухоплови. Предвидено е да нема ограничување на фреквенциите, обемот и редовноста на сообраќајот, освен во случаите поврзани со царински, технички, оперативни или еколошки причини. Авиокомпаниите ќе можат самостојно да ги утврдуваат и цените на билетите според пазарните услови, без обврска однапред да ги пријавуваат или доставуваат цените до воздухопловните власти.

Особено значајна новина е можноста за користење на таканаречената петта слобода на воздушниот сообраќај. Таа му овозможува на авиопревозникот од една земја да превезува патници меѓу другата потписничка и трета држава, односно да продолжи сообраќајот кон дестинација надвор од двете земји. Сепак, користењето на овие права ќе зависи од договор меѓу надлежните цивилни воздухопловни власти.

Токму оваа можност ја издвојува и Ѓорги Чачкиров, пилот и хроничар на македонското воздухопловство. Тој потсетува за весникот ВЕЧЕР дека во 1999 година, во име на тогашната Дирекција за цивилна воздушна пловидба на Република Македонија, го парафирал претходниот билатерален договор со британските воздухопловни власти. Тој потсетува дека договорот од 1999 година имал стандардна меѓународна воздухопловна форма и ги регулирал правата и обврските на двете страни и на авиокомпаниите што го реализирале сообраќајот. Во тој период Македонија имала две домашни авиокомпании – МАТ и „Авиоимпекс“, а врз основа на договорот „Бритиш ервејс“ почнал да лета на релацијата Лондон – Скопје.

Според Чачкиров, тогашниот договор не дозволувал користење на „петта слобода“, што значело дека превозниците не можеле од Македонија да земаат патници за трета земја како дел од истиот воздушен сообраќај. Тој додава дека интересот за линијата во тој период не бил особено голем, ниту кај британскиот превозник, ниту кај македонските авиокомпании.

За новиот договор, Чачкиров вели дека не може да даде детална оценка бидејќи не го имал неговиот целосен текст, но според досега објавените информации, токму можноста за „петта слобода“ би можела да претставува една од најзначајните промени.

– Многу е важно кон кои земји и како ќе се користи предметната слобода –  посочува Чачкиров, укажувајќи дека практичната корист од оваа можност ќе зависи од начинот на кој ќе биде применета.

Новиот договор предвидува и пошироки можности во однос на мрежата на летови. Назначените авиокомпании ќе можат да оперираат меѓу која било точка во Обединетото Кралство и која било точка во Северна Македонија, со можност за меѓустаници и дестинации надвор од териториите на двете држави.

Во моментов воздушната поврзаност меѓу Македонија и Обединетото Кралство се реализира преку редовните летови на „Визер УК“ на релацијата Лондон Лутон–Скопје. Во летната сезона во 2026 година, „ТУИ Ервејс“ реализираше и сезонски летови од Лондон Гетвик и Манчестер до Охрид.

Колкава практична корист ќе има Македонија од целосната реципроцитетност на договорот, имајќи предвид дека земјата во моментов нема сопствен национален авиопревозник. Како што посочува Чачкиров, правната еднаквост на двете страни во однос на бројот на фреквенции не значи автоматски и еднаква практична искористеност на тие права.

Новиот договор, сепак, претставува чекор кон дополнително отворање на македонскиот воздушен пазар кон британскиот и создава правна основа за пофлексибилен развој на авиосообраќајот. Неговите конкретни ефекти ќе зависат од интересот на авиокомпаниите, воспоставувањето нови линии и начинот на кој во практика ќе се применуваат новите сообраќајни права.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ