Шпанската полиција денес го расчисти кампот за мигранти на плажа во северноафриканската енклава Сеута, каде што пред повеќе од два месеца десетици илјади луѓе ја преминаа границата од Мароко, соопшти шпанската влада.
Повеќе од 72.000 луѓе ја преминаа границата од Мароко кон Сеута кон крајот на јули. Иако повеќето мигранти подоцна се вратија, најмалку 10.000 останаа во оваа шпанска енклава во Северна Африка, оптоварувајќи ги локалните ресурси и поттикнувајќи тензии.
Полицијата ги премести мигрантите од плажата „Трамполин“ – каде што околу 3.000 луѓе престојуваа во шатори и импровизирани засолништа во текот на два месеца – во привремено сместување; таму ќе се спроведат неопходните процедури или ќе се организира нивно враќање во Мароко, изјави денес за „Ројтерс“ неименуван портпарол на шпанското Министерство за внатрешни работи.
Тензиите продолжуваат поради присуството на мигранти кои спијат на отворено во оваа мала енклава, која има население од 80.000 жители.
Локалните жители во саботата одржаа протест барајќи заминување на мигрантите.
Предвидено е кралот Фелипе Шести и кралицата Летиција да ја посетат Сеута на 13 и 14 октомври, што ќе биде прва таква посета за време на неговото дванаесетгодишно владеење. Посетата се одвива во услови на долготрајни спорови со Мароко, кое полага право на суверенитет и врз Сеута и врз другата шпанска енклава во Северна Африка – Мелиља, пренесе „Бета“.












