
Кристијано Роналдо е најдобар секогаш кога е најпотребно, а убедливиот триумф на Португалија од 5:0 против Узбекистан го зачини со два погодоци.
По натпреварот, капитенот на португалската репрезентација призна за „Спорт ТВ“ дека имал тешка недела зад себе, алудирајќи на критиките по нерешениот резултат со Конго, но нагласи дека многу верува во својата работа и им упати бројни пофалби на своите соиграчи.
– Се вратив, само за да не заборават, само за да не заборават. Дали е тоа најдобриот одговор на критичарите? Секогаш. Така е веќе 23 години – рече тој.
Најголемата ѕвезда во дресот на Ал Наср призна дека е пресреќна поради фактот дека е единствениот играч што постигнал голови на шест светски првенства и најдобар стрелец на Португалија кога се мундијалите во прашање.
– Многу сум среќен, но, за мене, најважно е она што го направи тимот и самодовербата што ја покажавме. Во текот на неделата добивме многу удари и критики, знаевме дека ќе се случи тоа. Тимот работеше многу добро и постигнавме голем напредок. Велат дека секое лошо е добро за некого. Кога зборувам за мене, секогаш е убаво да се соборуваат рекорди, но мојата цел е да ѝ помогнам на репрезентацијата да ги постигне своите цели. Во овој момент, целта беше да ја поминеме групата и со четири бода, мислам дека веќе го постигнавме тоа – изјави Роналдо.
Сепак, тој привлече најголемо внимание со одговорот што го даде откако беше прашан за головите што ги постигна аргентинскиот интернационалец Лионел Меси на СП во САД, Мексико и во Канада.
– Головите на Меси? Не ми е грижа за Меси! – заврши капитенот на португалската репрезентација.











