Успехот на „Фјорд“ беше дополнително нагласен со фактот што филмот на Мунџиу е добитник и на наградата на Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ. За Мунџиу ова е втора „Златна палма“, првата ја доби во 2007 година, за својот филм „4 месеци, 3 недели и 2 дена“. Гран-прито, пак, му припадна на филмот „Минотаур“ од протераниот руски режисер, Андреј Звјагинцев. На примањето на наградата, тој повика да запре масакрот
Филмот „Фјорд“ на романскиот режисер Кристијан Мунџиу, снимен во Норвешка и продуциран од Норвешка, ја освои „Златната палма“ на 79. Кански филмски фестивал. Успехот на „Фјорд“ беше дополнително нагласен со фактот што филмот на Мунџиу е добитник и на наградата на Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ. За Мунџиу ова е втора „Златна палма“, првата ја доби во 2007 година, за својот филм „4 месеци, 3 недели и 2 дена“, за нелегалниот абортус во Романија во 1980-тите.
Инаку, „Фјорд“ е романска драма сместена во Норвешка. Филмот ги обединува актерите Ренате Рејнсве и Себастијан Стан, кои глумеа заедно и во филмот „Поинаков човек“. Во „Фјорд“, тие играат брачен пар од семејството Георгиу. Тој е Романец, а таа Норвежанка. Семејството се сели во родното место на својата мајка, оддалечено норвешко село, и се спријателува со соседното семејство Халберг.

Кога е осомничено за вознемирувачко однесување кон своите деца, животот на семејството Георгиу е во хаос бидејќи се наоѓа во центарот на вниманието. Ова романско имигрантско семејство станува предмет на истрага и се соочува со критики од локалниот судски систем.
Мунџиу е еден од ретките режисери што двапати ја освоија „Златната палма“, како Френсис Форд Копола, Рубен Естлунд, Емир Кустурица…
Оваа година, на Канскиот филмски фестивал, гран-прито му припадна на филмот „Минотаур“ од протераниот руски режисер, Андреј Звјагинцев. На примањето на наградата, тој го повика рускиот претседател да „го запре масакрот“.
– Милиони луѓе од двете страни на фронтовската линија сонуваат само за едно нешто: масакрите да престанат. Единствената личност што може да го запре ова крвопролевање е претседателот на Руската Федерација – рече Звјагинцев.
Филмот е снимен во Латвија и се занимава со Русија на почетокот од војната со Украина, во 2022 година. Тоа е филм што се сметаше за фаворит во поголемиот дел од фестивалот, но на крајот заврши со втора награда.
Наградата на жирито му припадна на „Сонуваната авантура“ на германската режисерка Валеска Гризбах, трилер сместен во Бугарија.
Признанието најдобар режисер го добија дури тројца, и тоа Хавиер Калво и Хавиер Амбрози за „Црната топка“ со Пенелопе Круз и Глен Клоуз, филм што истражува што значи да се биде геј низ различни епохи, фокусирајќи се на „три постоења“ што се поврзани преку теми на сексуалноста, желбата, болката и наследството, како и Павел Павликовски за „Татковина“, историски филм што се случува по Втората светска војна. Приказната го следи познатиот германски писател Томас Ман додека патува низ поделена Германија заедно со својата ќерка.

Наградата за најдобро сценарио му припадна на францускиот режисер Емануел Мар за филмот „Човек на своето време“, во кој ја прикажува баналноста на злото и ги критикува насилството, доминацијата и исклучувањето преку приказната за еден функционер од Виши.
За своите улоги во филмот „Се одеднаш“ на јапонскиот оскаровец Рјусуке Хамагучи, Вирџини Ефира и Тао Окамото беа наградени за најдобра актерка, додека признанието за најдобар глумец им припадна на Емануел Масија и на Валентин Кампањ за „Кукавица“ на Лукас Донт, драма за квир љубовта во рововите во текот на Првата светска војна.
Почесната „Златна палма“ требаше да ѝ биде врачена на американската актерка и пејачка Барбра Стрејсенд, која не можеше да присуствува на церемонијата поради повреда на коленото, но ѝ се обрати на публиката преку видеопорака на француски јазик. Таа порача:„ Во еден луд, нестабилен свет, кој се чини дека секој ден изгледа сè пофрактуриран, охрабрувачки е да се видат убедливи филмови на овој фестивал“,
„Златната камера“ за најдобар дебитантски филм ѝ припадна на режисерката од Руанда, Мари-Клементин Дусабежамбо, за „Бен’Имана“, за преживеаните од геноцидот во Руанда.
Наградата за краток филм му припадна на аргентинскиот режисер Федерико Луис за филмот „За противниците“, за момче од сиромашен дел на Мексико што сонува да стане шампион во бокс.
Оваа година, 22 филма се натпреваруваа за главната награда, „Златна палма“.
Претседател на жирито беше јужнокорејскиот режисер Парк Чан Вук, а во жирито беа американската актерка Деми Мур и кинеската режисерка Клое Жао.
Минатата година, добитник на „Златната палма“ беше иранскиот режисер и дисидент Џафар Панахи за делото „Беше само случајност“, снимено во тајност. (Д. Т.)
Фото: ЕПА, ИМДб












