Италијанскиот музичар Ерос Рамацоти мораше да ја откаже својата светска турнеја „Una Storia Importante“ откако беше подложен на операција на гласните жици. Иако процедурата помина добро, познатиот пејач се соочува со долг период на рехабилитација, што доведе до одложување на бројни концерти до 2027 година. Веста ги изненади неговите обожаватели, бидејќи подготовките за продолжување на големата турнеја веќе беа во полн ек.
Рамацоти се огласи на социјалните мрежи по операцијата за да каже дека сè поминало добро.
„Операцијата на гласните жици помина добро. Ви благодарам на сите за вашите пораки за љубов и поддршка“, рече пејачот.
Сепак, лекарите му препишаа програма за рехабилитација што ќе го спречи да биде подготвен за пробите и концертите планирани во САД, Канада и Латинска Америка. Затоа, публиката ќе мора да почека до 2027 година за тие настапи.
Рамакоти им порача на обожавателите дека повторно ќе се сретнат „посилни и пообединети од порано“.
Ова не е прв пат италијанскиот музичар да мора да направи пауза поради проблеми со гласните жици. Во 2019 година, тој привремено ја прекина и својата тогашна светска турнеја за да се подложи на операција за задебелени гласни жици.
Последната пауза доаѓа по успешниот европски дел од турнејата.
Од февруари до крајот на јуни оваа година, Рамацоти настапи во бројни европски градови, вклучувајќи ги Париз, Брисел, Минхен, Осло, Барселона и Мадрид, како и на големи стадиони во Италија.
Според новиот распоред, Рамацоти треба да се врати на сцената на 1 април 2027 година, во Луксембург.
По европските концерти, тој треба да ги надомести одложените настапи во Северна и Латинска Америка на есен. Првиот од нив е закажан за 24 септември во Торонто, додека овој дел од турнејата треба да заврши на 9 ноември во Сао Паоло.












