Со торта и во весела атмосфера денеска Зоолошката градина му приредни прекрасна роденденска забава на малиот гибон Мики кој наполни една година. Неговата торта ја подготвија зоонегувателките и беше од продукти што тој ги јаде. Но, имаше и роденденската торта за присутните на роденденската забава.
Од Зоолошката градина беа испратени две пораки: дека гибоните не се домашни миленици и оти треба да го чуваме нивното природно живеалиште, бидејќи овој вид е загрозен од човечкиот фактор, а тоа е уништување на шумите.
Неговата приказна започна тешко, но заврши со надеж, љубов и среќен крај. Таа им е позната на повеќемина.

Мики како бебе, на возраст од само неколку месеци, бил отфрлен од мајката и се соочил со сериозни повреди на главата и епилептични напади. Во тие најкритични моменти, неговиот живот зависел од човечка грижа, посветеност и борба.

Зоонегувателка Зера, 24 часа дневно била покрај него, со мала помош од колешките дадилки и не го оставала ниту еден момент да остане сам.

Со многу љубов, трпение и стручна грижа, Мики денес е здраво, активно и разиграно младо гибонче.

(А.П.) Фото: (П.С.)












