среда, јули 1, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Рестрикција на водоснабдувањето во Дебар

Рестрикција на водоснабдувањето во Дебар

1

Јавното комунално претпријатие „Стандард“ од Дебар информираше дека се воведува неколкучасовна рестрикција во водоснабдувањето бидејќи корисниците не ги почитувале претходните апели за заштеда на вода, односно да не се употребува за наводнување на градини, за миење дворови, тротоари, па дури и улици пред домовите.

– Поради недостиг на вода во текот на денот, како последица на нерационалното користење на водата од страна на корисниците, принудени сме да ја воведеме непопуларната мерка – рестрикција во водоснабдувањето, стои во известувањето.

Во периодот од 10 до 13 часот, без вода ќе биде селото Долно Косоврасти, каде што се наоѓа и бањскиот локалитет, додека од 13 до 16 часот населбите „Венец 1“, „Венец 2“, Тараник и Ќернаница.

– Нашата вода, која е од изворите во Росоки, е една од најквалитетните не само во државава, туку во Европа, а несовесните корисници ја злоупотребуваа – наведуваат од претпријатието.

Одлуката за рестрикцијата ќе биде во сила се до подобрување на ситуацијата.

Во исто време, од претпријатието упатуваат апел за рационално користење на водата, за да не бидат принудени да го зголемуваат времетраењето на рестрикциите.

 

ИЗДВОЕНИ