среда, јули 1, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Полицијата презема мерки по допрен глас за случајот со врсничкото насилство во...

Полицијата презема мерки по допрен глас за случајот со врсничкото насилство во Аеродром

Девојче клечи и моли за милост, врсници го снимаат и бодрат

974

Ново вознемирувачко видео со врсничко насилство, за кое се тврди дека е снимено во скопската населба Аеродром,  се споделува на социјалните мрежи и предизвика бурни реакции во јавноста. На снимката се гледа малолетно девојче клекнато на колена како моли да престане малтретирањето, додека неколку други девојчиња го навредуваат, му удираат шлаканици и го влечат за коса. Во еден момент жртвата се обидува да се оддалечи, но повторно е фатена за коса и нападната. Дополнително загрижува фактот што инцидентот се случува пред поголема група малолетници, кои наместо да интервенираат, го снимаат насилството со мобилни телефони. На видеото се слушаат и повици со кои дел од присутните го поттикнуваат нападот.

„Ќутете да слушнеме како ќе пука“, се слуша како извикува едно од момчињата, додека друго довикува: „Уште еднаш, уште еднаш“.

Од Секторот за внатрешни работи Скопје информираат дека досега не е поднесена официјална пријава за случајот.

„Се преземаат мерки по допрен глас за утврдување на идентитетот на лицата и за целосно расчистување на случајот“, велат од СВР Скопје.

Видеото предизвика бројни осуди на социјалните мрежи, каде граѓаните предупредуваат дека врсничкото насилство станува сè почеста појава, а особено загрижува тоа што насилството се снима и споделува како содржина за социјалните мрежи.

„Насилството не смее да биде забава, а туѓата болка никогаш не смее да биде причина за лајкови и прегледи“, е една од пораките што најчесто се повторува во коментарите. Дел од граѓаните ја истакнуваат и одговорноста на родителите, оценувајќи дека е потребно повеќе внимание кон воспитувањето и разговорите со децата.

„Ова не е само проблем на децата, туку и на семејството и на целото општество. Децата не се раѓаат без емпатија – таа се гради со примерот што го добиваат дома“, гласи еден од коментарите што доби голема поддршка.

Јавноста бара институциите целосно да го расчистат случајот, да ги идентификуваат учесниците и да преземат соодветни мерки, со цел да се спречат нови случаи на врсничко насилство.

По многуте случаи на врсничко насилство министерката за образование Весна Јаневска најави измени во законот за основно образование, родителите на насилните деца да бидат казнети со 250 евра. Министерот за внатрешни Панче Тошкоски неодамна рече дека од новата учебна година, полициски офицери ќе бидат во училиштата и училишниот двор.(П.А.)

ИЗДВОЕНИ