Во тек е комплетна обнова на Рајската градина за украсни птици во Паркот на Револуцијата, омилен простор за рекреација и уживање, посебно за најмладите.
Од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп велат дека е извршено целосно кастрење на дрвјата, темелно е исчистен целиот простор, а обновени се и клупите и кантите за отпадоци, со што се создава поуредна и попријатна атмосфера за сите посетители.
– Целосно се обновуваат и кафезите, се прават подобри услови, а Рајската градина ќе биде збогатена со нови украсни птици, кои ќе внесат уште повеќе живот, убавина и привлечност во овој уникатен парк. Овој парк предизвикуваше најголема радост кај најмладите, но по неколкуте кражби и пцовисувањето на украсните птици, како и намерното уништување, овој простор подолго време беше запоставен – соопштија од претпријатието.
Оттаму додаваат дека во соработка со Општина Прилеп ги уредуваат јавните простори и создаваат подобри услови за одмор, рекреација и дружење за сите граѓани.












